Средба на двете светски сили: Бајден и Си лице в лице на 15 ноември во Сан Франциско

од Stefanija Kuzmanovska
156 прегледи

Претседателите на САД и Кина Џозеф Бајден и Си Џинпинг планираат да одржат билатерални разговори во Сан Франциско на 15 ноември, на маргините на самитот на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC), објави „Кјодо“, цитирајќи висок американски функционер кој побарал да остане анонимен.

Официјалниот претставник навел дека Соединетите Држави и Кина ги прават последните подготовки за средбата меѓу Бајден и Си, соопшти агенцијата, додавајќи дека Кина допрва треба да го потврди присуството на Си на претстојниот самит на APEC.

Средбата ќе се одржи во време кога двете големи светски сили се обидуваат да најдат начини да го ублажат своето силно ривалство, иако геополитичките тензии меѓу нив не покажуваат знаци на стивнување, оценува агенцијата.

Бајден и Си претходно се состанаа во ноември минатата година во Бали, Индонезија, за време на самитот на Групата 20.

Белата куќа соопшти дека Бајден треба да отпатува во Сан Франциско на 14 ноември, еден ден пред отворањето на самитот на 21 земја на Пацификот, вклучувајќи ги Австралија, Хонг Конг, Јапонија, Перу, Јужна Кореја, Тајван и Тајланд.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го посети Вашингтон кон крајот на октомври и одделно се состана со Бајден, државниот секретар Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност Џејк Саливан.

Иако остануваат несогласувањата на двете сили за важни прашања, Вашингтон и Пекинг во неколку наврати соопштија дека сакаат „одговорно“ да управуваат со билатералните односи и да обезбедат нивната конкуренција да не се претвори во конфликт, наведе „Кјодо“.

Слични содржини