Јавната администрација како „биро за вработувањe на партиски луѓe“: „Вакво неработење, а земање плата никаде не постои во светот“

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Македонската јавна администрација не е реформирана и земјава е умерено подготвена во оваа област – ова може да се заклучи од последниот Извештај на Европската комисија за напредокот во една од најважните области во првиот кластер од преговорите со ЕУ. Неопходноста од реорганизација и трансформација на институциите во државната управа и јавната администрација е забележана во речиси сите досегашни извештаи, но мерки и дејствија не се преземени. За минус се зема што се уште не е усвоен ревидираниот закон за јавни службеници.

Каде одат реформите на администрацијата?

Универзитетскиот професор Борче Давиткоски во разговор за „Локално“ вели дека како и претходните извештаи така и овој е негативен по однос на напредокот на реформите во јавната администрација.

Борче Давитковски

Според него, за ваквата состојба постојат повеќе причини, но основните се дека не постои вистинска волја за спроведување вистински реформи во оваа сфера. Кога вели волја, пред се Давитковски мисли на политичката волја од носителите на пред се на извршната власт која треба да биде носител на промените/реформите на јавната администрација која е под ингеренциите на извршната власт.

-Поради целосната партизација на јавниот сектор, не постојат и кадри кои би можеле да бидат носителите на реформите. Нестручни и некомпетентни државни службеници не можат да спроведуваат никаква реформа во своите ресори, тврди Давитковски.

Посочува дека постоечката партизирана администрација не сака реформи.

-Вакво неработење, а земање плата никаде не постои во светот. Нашата администрација не е во функција на сервис на граѓаните туку во функцијата на оддржување на власта на коалициските партнери, критикува соговорникот, додавајќи дека нема ниту напредување, ниту назадување во овој процес.

-Се е исто со години бидејќи не се сакаат реформи. За жал ние сме во фаза лет во место, опишува проф. Давитковски.

За извештајот поразговаравме и со Јулијана Караи, која е виш истражувач при Институтот за европски политики, експерт за јавна администрација. Истакнува дека во однос на реформата на јавна администрација, оценката и во овој извештај останува иста, како и во минатиот.

-ЕК оценува дека земјата е умерено подготвена, а ограничен напредок е постигнат само поради донесувањето на новата Стратегија за РЈА во јули 2023 година. ЕК нотира „отсуство на политичка поддршка, водство и надгледување мониторинг над спроведувањето на реформите“. ЕК е свесна дека РЈА не е само вежба со штиклирање на она што е направено и она што не е направено, туку реформата треба да биде одржлива и мора да има посветеност на сите нивоа за постигнување вистински напредок, што беше наведено и во Извештајот за одржаниот скрининг во јули 2023 година, укажува Караи за „Локално“.

Според неа, овие забелешки и општо сите забелешки за Кластерот 1 во кој спаѓа и реформата на јавната администрација се исклучително значајни во однос на мерките што државните институции ќе мора да ги предвидат во соодветните патокази за овие области.

Јулијана Караи

Бидејќи минатогодишните препораки за РЈА беа само делумно спроведени, тие остануваат да важат и понатаму.

Соговорничката предлага дека во наредниот период потребно е да се донесе и започне со имплементација на измените на Законот за административни службеници, за вработените во јавниот сектор и на Законот за висока раководна служба.

-Да се усвои и започне со имплементација на Закон за организација на државната управа и други сродни закони во согласност со препораките за новата организација на органите на државната управа и да се обезбеди целосна имплементација на Законот за општа управна постапка до завршување на дигитализацијата на регистрите на институциите и размената на податоци и поедноставувањето на електронски процедури, посочува Караи.

Во однос на тоа како да се подобриме, експертката смета дека за почеток треба да покажеме вистинска политичка волја.

-Веќе нема место за декларативна политичка волја и да ги исполниме препораките кои се провлекуваат долги години. Повеќето препораки се однесуваат на донесување закони и тоа не е суштинско за успех зашто ние многу често менуваме закони и ветуваме дека токму со тие измени состојбите ќе се подобрат. Клучно за успех е да покажеме видливи резултати во пракса, категорична е Караи.

Околу ставот на Владата дека нема назадување во ниту една област и дали тоа може да се претстави како успех, експерката истакнува дека Европската комисија напредокот го мери во споредба со минатогодишниот извештај (напредок од лани до сега).

-Констатацијата “нема напредок” недвосмислено значи застој, односно стагнација/тапкање во место, а тоа не може да се претстави како успех. Подобра оценка за напредокот од лани има само во поглавјата: Финансиска контрола, Слободно движење на стоки, Заштита на потрошувачи, Енергија, Рибарство и Надворешни односи, заклучува Караи.

Колку луѓе брои јавната администрација?

Последниот годишен извештај за податоците за вработените во јавниот сектор за 2022 година покажува дека бројот на вработените во јавниот сектор изнесува 129.374 лица. Тие својот работен ангажман го остваруваат во 1.354 институции. Бројот на институции во однос на 2021 година е згомелен за осум институции.

Од вкупниот број, 18.909 лица биле вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансикса полиција. Освен како бројка, други податоци за овие вработени не се содржат во извештајот, заради законската обврска за безбедност.

Во дејноста образование има најмногу вработени и тоа 34 отсто, а потоа здравство 18 проценти, управа 13 проценти, комунална дејност 9 проценти и така натаму. Во државната власт се вработени 14.531 лице.

Н.П.

Слични содржини