Од Кабинетот на министерот за правда, Кренар Лога соопштија дека надзорот во Основниот суд во Кавадарци е дел од редовните активности на Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС-от а беше најавен и на прес конференција од страна на самиот министер.
Се истакнува дека вакви надзори Комисијата во изминатиот период изврши во Управниот суд како и судовите во Куманово, Кратово, Крушево и Берово по што беа изготвени извештаи за констатираните состојби.
-По извршениот надзор во судот во Кавадарци, Комисијата ќе изготви извештај, порачуваат од Кабинетот на Лога.
Под надзор е работата на претседателот на судот, судијата Лазар Нанев. Минатата недела, Лога минатата го разреши судијата од претседател на Советот на ИКТ и иницираше постапка за изработување на нов правилник за функционирање на советот.
Лога појасни дека постојат сериозни наводи дека е нарушен интегритетот на судијата Лазар Нанев и „евидентно постоење на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните“.
-Поради сериозноста на наводите кои упатуваат на можни злоупотреби, кои воедно се поткрепени и со писмени наводи доставени од Вишото јавно обвинителство Скопје и до Министерството за правда, сè до утврдување на целосната фактичка состојба, донесов одлука судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци да биде ослободен од должноста член на Советот за ИКТ, а со тоа и претседател на овој Совет, рече министерот.
Министерот укажа дека до Судскиот совет во изминатиот период се доставени низа писмени дописи од Советот на јавните обвинители и од Вишото јавно обвинителство Скопје во врска со поднесоци од граѓани за работата на судијата Лазар Нанев, кој воедно е и претседател на Основниот суд Кавадарци.