Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант денеска го предупредил либанскиот Хезболах, кој е сојузник на палестинскиот Хамас, дека Бејрут би можел да ја доживее истата судбина како Газа доколку проиранската организација го вовлече Либан во војна.
„Она што можеме да го направиме во Газа, истото можеме да го направиме и во Бејрут“, рекол Галант за време на посетатта низ северен Израел во близина на границата со Либан.
„Ако Хезболах направи такви грешки овде, први што ќе ја платат цената ќе бидат граѓаните на Либан“, предупредил тој.
„Овде им кажувам на граѓаните на Либан дека веќе ги видов граѓаните на Газа како шетаат со бели знамиња по брегот и се движат кон југ. Хезболах го вовлекува Либан во војна што може да се случи и прави грешки“, додал тој.
Тој објаснил дека израелските воздухопловни сили користат помалку од една десетина од своите сили во Појасот Газа и дека се насочени кон север.
Лидерот на либанскиот екстремистички Хезболах, Хасан Насрала, во меѓувреме изјавил дека неговата организација почнала да користи ново оружје во секојдневните напади против Израел.
„Во текот на изминатата недела акцијата на отпорот на либанскиот фронт се зголеми, бројот на операции, бројот на цели, како и употребеното оружје“, рекол Насрала, пренесува агенцијата „Франс прес“.
Најмалку 91 лице, повеќето членови на Хезболах, како и 11 цивили се убиени од почетокот на прекуграничниот конфликт. Шест војници и двајца цивили загинаа од израелска страна.