Нетанјаху го критикуваше Трудо поради неговиот апел Израел максимално да се воздржи во Газа

од Stefanija Kuzmanovska
176 прегледи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го критикуваше канадскиот колега Џастин Трудо, кој претходно апелираше до Израел да покаже „максимална воздржаност“ за време на неговите воени операции во Газа.

Трудо изјави дека светот е сведок на страшни настани, кои вклучуваат „убиства на жени, деца, бебиња“.

„Ова мора да престане. Човечката трагедија што се случува во Газа е потресна, особено страдањето што го гледаме внатре и околу болницата Ал Шифа. Бев доволно јасен дека цената на правдата не смее да биде континуираното страдање на сите палестински цивили“, рече Трудо, пренесе Си-Ен-Ен.

Тој додаде дека „дури и во војните има правила, секој невин живот е вреден, било да е израелски или палестински“, повикувајќи ја израелската влада да покаже максимална воздржаност.

Во своите изјави, Трудо потврди дека Хамас ги користи Палестинците како жив штит, истовремено барајќи итно ослободување на сите заложници, без никакви услови.

После тоа, се огласи Нетанјаху на платформата X (Твитер), велејќи дека за страшните настани за кои зборувал Трудо треба да се обвинува Хамас, а не Израел.

„Не е Израел тој што намерно гаѓа цивили, туку Хамас, кој обезглавуваше, палеше и масакрираше цивили, во најстрашните злосторства против Евреите од Холокаустот“, рече Нетанјаху.

Тој додаде дека „додека Израел прави се за да не им наштети на цивилите, Хамас прави се за да им наштети“.

„Израел им обезбедува на цивилите во Газа хуманитарни коридори и безбедни зони, а Хамас ги спречува да заминат. Хамас треба да биде одговорен за двојното воено злосторство – гаѓање цивили додека се крие зад цивили“, рече Нетанјаху.

Слични содржини