Се потврдува недовербата на граѓаните во правосудниот систем, велат од „Ромалитико“ за висината на казната за возачот кој усмрти дете на „Пластичарска“

од Nikola Popovski
208 прегледи

Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ изразува незадоволство од донесената пресуда на судијката Марија Клетничка за прегазувањето на десетгодишно дете на булеварот „Никола Карев”, познат како „Пластичарска“ кое што почина на лице место.

-Лицето кое го изврши делото возело со прекумерна брзина, односно 26 километри повеќе од дозволеното. Тој, исто така, избегал од местото на настанот и извршил дело „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода”. По ударот, 10-годишното дете починало на лице место. За ваквиот чин, сторителот добил казна затвор од само две години и три месеци.

Според досудената казна судијката го осудила сторителот со минимална или казна под пропишаниот минимум, не земајќи ги в предвид членовите 300 ст.2 каде е пропишана казна затвор од најмалку четири години и 301 ст.2, бидејќи секое лице кое ќе се затекне на место каде што има повреден има обврска да укаже помош. Во овој случај сторителот самиот ја предизвикал сообраќајната несреќа и притоа не укажал помош, иако бил должен истото да го стори што треба да се смета за отежнителна околност, посочуваат од „Ромалитико“.

Според Институтот, овој случај ги потврдува забелешките за владеењето на правото и селективната правда кои дојдоа на сметка на судскиот систем во нашата земја од последните извештаи на Американскиот Стејт департмент за човекови права и Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.

-Губењето на животот на детето е трагедија и болка којашто ќе го следи семејството до крајот на животот и најмалку што може судот да направи за овој случај е да донесе праведна одлука за казна на сторителот. Меѓутоа, ваквите пресуди во коишто сторителите добиваат минимални казни, а има човечки жртви, во случајот 10-годишно дете, дополнително ја потврдуваат недовербата на граѓаните во правосудниот систем во државата. Во одмерувањето на казната се земаат в предвид годините на сторителот дека е млад и дека нема претходно извршено кривично дело, меѓутоа не се зема в предвид тоа дека починатото лице е дете од 10 годишна возраст чиј живот е прерано згаснат од страна на несовесен возач.

Ромалитико бара да се постапи соодветно по поднесената жалба од страна на родителите на починатото дете, да се земат сите околности во предвид, а особено тоа што лицето возело со прекумерна брзина и не застанало на местото на настанот да укаже помош којашто можеби би била круцијална во спасувањето на животот на детето, стои во реакцијата на Институтот.

Слични содржини