Лукашенко за санкциите: „Преживеавме, имаме нови пазари“

од Stefanija Kuzmanovska
220 прегледи

Белорусија го издржа притисокот на западните санкции и има пазари на кои може да ги продава своите производи, изјави претседателот на Републиката, Александар Лукашенко, пренесува „Белта“.

„Преживеавме. Имаме каде да ги продаваме нашите производи и тоа е најважно. Ако има продавач и купувач, тогаш никакви санкции не ни пречат. Санкции се санкции, а бизнисот е бизнис“, рече Лукашенко на средбата со персоналот на компанијата за накит „Кристал“ во Гомел.

Според него, во Белорусија посебно внимание се посветува на развојот на нови пазари, како што е соработката со земјите од африканскиот континент.

„Воспоставени се добри односи со Зимбабве, а се очекува возвратна посета на Екваторијална Гвинеја. Тоа е многу важно за развојот на соработката со тие земји и регионот во целина, како и за работата на такви компании како што е производствената асоцијација Кристал, бидејќи африканскиот континент има големи наоѓалишта на благородни метали и дијаманти“, истакна белорускиот лидер.

Лукашенко потсети дека ѝ забранил на владата дури и да зборува за санкции, истакнувајќи дека тоа „ќе ја ослабне земјата“.

Односите меѓу Белорусија и западните земји нагло се влошија по претседателските избори во 2020 година. Западните земји постепено воведоа санкции за белоруските функционери, бизниси и индустрија.

Нова етапа во проширувањето на западните санкции против Белорусија се случи поради поддршката на Минск за Специјалната воена операција, пренесува RT Balkan.

Слични содржини