Две етапи од огромната ракета Starship на компанијата SpaceX, висока 121 метар, најголемата и најмоќната некогаш изградена, се уништени денеска веднаш по успешното полетување, објави компанијата на Елон Маск за време на директниот пренос на вториот пробен лет на таа ракета.
Компанијата Spacex оцени дека тоа не е неуспех, дека е постигнато повеќе отколку во првиот пробен лет во април годинава и дека дошле до многу податоци кои ќе им помогнат да го подобрат следниот лет.
Целта на компанијата SpaceX била леталото, лансирано од полигонот во Бока Чика во американската држава Тексас, да достигне висина од 240 километри и откако направил речиси цел круг околу Земјата, еден час и половина по полетувањето, ќе слета неоштетена на платформа во Тихиот Океан во близина на Хаваи.
Денешниот лет беше внимателно следен од американската вселенска агенција НАСА, која смета на тоа летало за своите мисии за враќање на екипажот на Месечината.
Денеска, потисниот дел на ракетата „Super Heavy“ со 33 мотори експлодираше над Мексиканскиот залив набргу по одвојувањето, а остатокот, како што беше планирано, го продолжи летот во вселената, соопшти компанијата, пренесе АФП.
Меѓутоа, кога новата верзија на „Starship“ се искачи на околу 90 километри над Земјата по 10 минути лет, претставник на компанијата објави дека командниот центар на „SpaceX“ изгубил контакт со него и затоа е покрената е постапка за уништување и леталото експлодира високо над Земјата, објави Си-Ен-Ен.
Ова беше втор последователен неуспешен обид на Spacex да испрати Starship во вселената, додека во април тоа се случи веќе четири минути по полетувањето кога Starship експлодираше пред да ги одвои двете етапи.