Францускиот претседател Емануел Макрон го осуди насилството врз палестинските цивили на Западниот Брег во телефонски разговори со палестинскиот претседател Махмуд Абас и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, соопшти француското претседателство.
Во соопштението се наведува дека Макрон му рекол на Абас дека е неопходно палестинските власти и сите земји во регионот недвосмислено и со најголема решителност да го осудат терористичкиот напад што Хамас го изврши во Израел на 7 октомври.
Француското претседателство наведува дека Макрон во разговор со Нетанјаху рекол дека во Газа има „премногу цивилни жртви“.
Макрон, исто така, навел дека е апсолутно неопходно да се разликуваат терористите од цивилното население во Газа, како и да се постигне итен прекин на огнот за испорака на хуманитарна помош, што треба да доведе до прекин на огнот.
Францускиот претседател, му ја пренел на Нетанјаху својата „голема загриженост поради ескалацијата на насилството врз палестинските цивили“ на Западниот Брег.