Деструктивни последици од небулозните исклучивости „или ова – или тоа“

„Времето на нашите агресивни кочничари на развојот во улоги на лажно загрижени еко-активисти веќе помина или им истече рокот на употреба „expiry date“ ... “

од Vladimir Zorba
285 прегледи

Во последниве години колективно влеговме во темниот тунел на самосожалување како судбински страдалници и губитници од памтивек на кои им е пишано само да живуркаат или да преживуваат. Сите заедно, некако перверзно како да уживаме во наметнатиот политички, економски и социјален мазохизам додека упорно гледаме само во ретровизорот и возиме во „рикверц“.

На сите водечки медиуми секојдневно гледаме, слушаме и читаме за небулозните ригидни исклучивости од типот на: „или здрава животна средина или индустријализација“„или рудници на смртта или спас за народот“, „или земјоделство или рударство“, „ние или ресурсите“, „природа наспроти економски проекти“… и притоа јавно се потсмеваат и ги сатанизираат сите форми на јавно изразување различни ставови кои аргументирано промовираат реални можности во 21-от век за победнички или „win-win“ пристап со користење на науката и акумулираните знаење.

Преку злонамерното пласирање невистини и шпекулации кои имаат за цел да шират немир и страв за „животен опстанок“ кај нивните сограѓани, во јавноста брутално се наметнуваат неколкумина лукративно мотивирани актери или лажно загрижени еко-активисти од југоистокот на нашата држава. Овие агресивни кочничари на развојот, прогресот и изградбата на просперитетни и економски стабилни општини, региони и држава, под наметката на граѓанскиот активизам со апокалиптични сценарија во континуитет ја трујат јавната перцепција и всушност ја торпедираат и убиваат нашата колективна иднина. Изгубени по патот на сопствените заблуди и вкоравени предрасуди тие го засилуваат чувството на бесперспективност и (не)свесно нанесуваат само зло на нивните сожители, посебно за помладите генерации кои во недостаток на робусни инвестиции во економијата секојдневно ја губат надежта за подобар живот и во огромен дел се иселуваат кон поразвиените држави во странство. Според статистичките прегледи и официјални податоци на ММФ и на Светска Банка, илјадници македонски граѓани секојдневно се иселуваат од државата, а тие што останаа мака мачат да врзат крај со крај. Сѐ повеќе гледаме зомбирани луѓе кои талкаат со празен поглед низ улиците загрижени за својата но и за иднината на своите семејства. Се прашуваме уште колку генерации ќе треба да потрошиме за да ја стекнеме потребната мудрост и знаење дека вистинската формула за ефикасно подобрување на условите на живеење не е во задржување на „status quo“ туку во безрезервна подготвеност за ефикасни промени, за брза и конкретна акција во реализација на приоритетни развојни проекти. Високите достигнувања за повисок стандард и квалитетен живот преку забрзан економски развој не се никако остварливи доколку останеме заробени во говорот на омраза, со радикално негативистичкиот и исклучувачки пристап.

Неспорно е дека локалниот граѓански активизам е извонредно важен фактор за цивилизирана имплементација на транспарентниот процес на партиципативната демократија. Но да се разбереме, користењето на природните богатства на суверените држави или во конкретниот случај – геолошките минерални депозити, сигурно не се ничија приватна сопственост и не се типично локално или пак регионално прашање. Тоа во целиот свет доминантно припаѓа на суверените ингеренции и јурисдикција на државата и надлежните државни институции затоа што директно ги засега суштинските интереси и добробитта апсолутно на СИТЕ граѓани без никаква дискриминација. Што се однесува пак до локалните ингеренции, не смее да се игнорира реалноста дека само богати и економски развиени општини, региони и држави можат ефикасно да ги реализираат инфраструктурните и комуналните проекти, значително да инвестираат во неопходната грижа за заштита на животната средина, реално да обезбедат високи стандарди и технички услови во делот на хигиената и здравјето на луѓето, да инвестираат во образованието и културата или воопшто во креирање на одржливи параметри за современо и среќно живеење.

Дежурниве кочничари на развојот како да се сосема исклучени од реалниот живот и како да не се свесни дека во последниве четири години светот, а посебно фрагилните економии на балканските земји се соочуваат со кризни предизвици од епски пропорции – глобална пандемија, војна во Украина, актуелните жестоки воени конфликти во Блискиот Исток… како да не регистрираат дека во нашата држава се организираат секојдневни протести и штрајкови на многу различни групи наши сограѓани кои реално мака мачат со егзистенцијални проблеми.

И не ни е потребен некаков „rocket scientist“ ниту пак научни анализи на врвни економски експерти за да се заклучи дека само робусно инвестициско трошење и отварање на реален бизнис, индустриско производство и мултиплициран ИЗВОЗ, може брзо да ја придвижи националната економија напред. Бесмислено и крајно неодговорно е брендирањето на новите инвестиции како „извори на смрт“ во услови кога не само македонската туку и поголемиот дел од светските економии се борат против нагласени инфлаторни и рецесивни процеси.

Крајно време е со широко отворени очи и здрав разум да и погледнеме на „вистината во очи“ и да ја прифатиме рационално суровата реалност кога неопходноста од забрзан економски раст не е веќе само право на избор туку егзистенцијална неопходност за опстанок!!!

Огњан Лазаров, геолог во пензија

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини