Живко Мукаетов избран за нов член на Одборот на директори на Американската стопанска комора

од Stefanija Kuzmanovska
315 прегледи

На овогодишното Генерално собрание на Американската стопанска комора (AmCham), Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, е избран за нов член на Одборот на директори на оваа организација, која претставува платформа за вмрежување, размена на искуства, споделување на најдобрите деловни практики и за застапување на интересите на нејзините членки, чиј број во земјава во моментов изнесува преку 140 субјекти.

„Алкалоид“ е членка на Американската стопанска комора од 2000 година и еден од нејзините патрони од 2013 година. Компанијата земала активно учество во многу комитети и работни групи на „AmCham“, меѓу кои Комитетот за здравствена заштита, Комитетот за корпоративна општествена одговорност, Работната група за донации и за спонзорства, Работната група за правата од интелектуална сопственост, Комитетот за развој на работна сила и многу други поврзани со работењето на „Алкалоид“. Заедно со „AmCham“ „Алкалоид“ има поддржано и учествувано на многу значајни настани во земјава, како што се Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ) во 2022 и во 2023 година, информативните сесии за можностите за финансирање компании, трговските мисии, Б2Б-активностите со меѓународни делегации и други.
За „Алкалоид“, кој важи за еден од најголемите македонски извозници, соработката со регионални и со меѓународни платформи е од огромно значење.

„За мене членството во Одборот на директори на ’AmCham’ претставува нова можност да придонесам за иницирање и за промовирање позитивни промени во непосредното деловно опкружување, но и за да поттикнам подобрување на деловната клима и унапредување на условите за одржлив развој“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на компанијата.

Во Одборот на директори на „AmCham“ на денешното годишно собрание избрани се и Иван Костиќ, Генерален директор на „Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп“; Александра Ивановска, Генерален директор на „Рош Македонија“, и Душан Митрев, Генерален директор на „Пивара Скопје“.

Работата на Одборот на директори на Американската стопанска комора е фокусирана на унапредување на регионалната соработка, како и на соработката со клучните владини институции и со Амбасадата на САД, а еден од суштинските аспекти на овој одбор е мотивирање и охрабрување на членките на „AmCham“ да бидат гласот на прогресивниот бизнис-сектор. Мрежата на „AmCham“ низ Европа брои 46 подружници.

Слични содржини