Објавени деталите од договорот меѓу Израел и Хамас: Четири фази, ослободување на цивили

од Stefanija Kuzmanovska
180 прегледи

По повеќе од месец и половина крвави судири, Израел и Хамас се договорија за краткотрајно примирје и размена на заложници. Израелската влада утрово објави повеќе детали за договорот.

Израелската влада утринава ги објави деталите од договорот постигнат со Хамас, според кој двете страни треба да разменат заложници, односно затвореници во четирите дена од прекинот на огнот. Операцијата ќе се спроведува во повеќе делови и фази, а постои можност и прекинот на огнот да биде продолжен.

Како што е наведено утринава, со одлуката дека владата на Нетанјаху го прифатила договорот со Хамас, договорено е да се обезбеди ослободување на околу 50 заложници од 240-те кои Хамас ги киднапираше на 7 октомври во нападот на југот на Израел.

Одлуката вклучува три анекси – препорака од советникот за национална безбедност Тачи Ханегби, доверлив документ презентиран во кабинетот, но не објавен, и список од 300 палестински затвореници кои се подобни за ослободување според договорот.

Според одлуката, сите 300 палестински затвореници ќе бидат ослободени само под услов 100 живи заложници – израелски државјани или жители на Израел – да бидат ослободени од Газа и вратени во Израел.

За секое дополнително ослободување, 24-часовна пауза во борбите

Ослободувањето ќе се одвива во два дела, со повеќе фази во секој.

Во првиот дел, Израел ќе ослободи 150 палестински затвореници кога 50 заложници ќе бидат вратени во Израел. Тоа ќе се одвива во четири фази, а во секоја фаза ќе бидат ослободени најмалку 10 заложници.

Првиот дел ќе трае четири дена, при што ќе има пауза во борбите“, се наведува во одлуката.

Во вториот дел, Израел ќе ослободи „до“ дополнителни 150 палестински затвореници доколку „до“ 50 дополнителни заложници бидат вратени во Израел.

„За секое дополнително ослободување на 10 заложници, ќе има дополнителна 24-часовна пауза во борбите“, се вели во соопштението.

И во оваа фаза, затворениците ќе бидат ослободени дури кога заложниците ќе се вратат во Израел.

Размената и паузата во борбите ограничени на максимум десет дена

Понатаму се наведува дека „веднаш по завршувањето на паузата во борбите, која е неопходна за да се обезбеди ослободување на заложниците, борбите ќе продолжат во Појасот Газа со цел да се уништат воените и организациски способности на Хамас и на палестинскиот исламски Џихад и да се создадат услови за враќање на сите заложници“.

Одлуката го овластува воениот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галан и министерот Бени Ганц да одлучуваат за идентитетот на затворениците кои ќе бидат ослободени во секоја фаза, а кои се на доставената листа. Тие исто така се овластени да го одредат времето на секоја фаза.

Дополнително, тие можат да одлучуваат за завршување на фазите, а целата размена и пауза во борба е ограничена на максимум десет дена од крајот на првата фаза.

Палестинските затвореници на списокот кои не се ослободени до крајот на размената нема да бидат ослободени.

Откако беа објавени имињата на палестинските затвореници, на израелската јавност ѝ беа дадени 24 часа да поднесе жалба до Високиот суд против договорот или ослободувањето на одредени затвореници.

Слични содржини