Норвешка би можела да го затвори единствениот граничен премин со Русија, најави премиерот Јонас Гар Сторе.
На новинарско прашање дали би било соодветно да се следи примерот на Финска и да се затвори границата со Русија, Сторе рекол дека неговата земја ќе го стори тоа „ако биде потребно“, пренесува РИА Новости. Тој додаде дека Норвешка внимателно ја следи ситуацијата во Финска и Естонија.
Премиерот на Финска, Петери Орпо, објави дека владата на земјата одлучила да ги затвори сите гранични премини со Русија, освен еден.
„Наша задача е да ја обезбедиме безбедноста на Финците“, рече Орпо на прес-конференција и додаде дека граничниот премин Раја-Јосеп ќе остане отворен, пренесува финскиот јавен сервис YLE.
Во ноември, повеќе од 700 луѓе без валидни патни документи влегоа во Финска преку Русија, поради што Хелсинки затвори неколку премини и ја обвини Москва за префрлање мигранти во Финска.
Кремљ, пак, ги отфрла сите обвинувања.