Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече правилна одлука договорот со исламистичкиот Хамас за прекин на огнот со цел ослободување на некои од израелските заложници и ослободување на одреден број Палестинци од израелските затвори.
Според договорот, до 100 израелски заложници ќе бидат разменети за до 300 палестински затвореници.
Нетанјаху, сепак, додава дека по спроведувањето на договорот за размена на заложници за Палестинците осудени на затворски казни, војната ќе продолжи се додека Израел не ги исполни своите цели.
„Враќањето на заложниците е етичко прашање“
Израелскиот премиер смета дека враќањето на заложниците е етичко прашање, нагласувајќи дека ќе се искористи секоја можност за конечно ослободување на сите заложници киднапирани од терористите на Хамас во убиствениот поход против Израел на 7 октомври. За еден ден Хамас уби 1.200 луѓе, од кои повеќето жители на кибуц и млади луѓе кои учествуваа на музички фестивал.
Израел одговори на масакрот со прогласување на воена состојба и општа мобилизација и започна воздушна и копнена офанзива на Појасот Газа. Палестинското министерство за здравство, под контрола на Хамас, тврди дека досега во таа офанзива загинале околу 16.000 луѓе, но оваа бројка подоцна беше оспорена.
Според некои извештаи, размената треба да започне во петок, додека други се уште го споменуваат четврток.