Лидерот на Хамас: Прекинот на огнот во Газа е победа за нас

од Stefanija Kuzmanovska
191 прегледи

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, примирјето во Појасот Газа го нарече политичка победа на средбата со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан во Доха.

„Прекинот на огнот е политичка победа остварена како резултат на успехот на силите на отпорот на терен. Нашиот непријател убива жени, деца и други цивили и им ги уништува домовите, но никогаш не успеа да ги постигне своите цели“, ги пренесува новинската агенција ИСНА зборовите на лидерот на Хамас.

Абдолахиан се согласил со таа оценка за перформансите на израелската војска.

„Израел тврди дека целта на нападот врз Газа е уништување на Хамас, но по повеќе од еден месец агресивни воени акции, Израел и САД се уште не успеале и мораа да преговараат со Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците“, навел тој.

Абдолахиан и Ханије се сретнаа во главниот град на Катар на 23 ноември и разговараа за ситуацијата во Газа и хуманитарниот договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Иранскиот министер за надворешни работи во текот на денот разговараше во Доха со неговиот катарски колега шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани. За време на посетата на Бејрут во четвртокот, Абдолахиан се состана со генералниот секретар на шиитското движење Хезболах, Хасан Насрулах и со претставници на Хамас и движењето Исламски џихад во Палестина.

На 22 ноември Хамас објави дека со посредство на Египет и Катар постигнал четиридневен договор со Израел за хуманитарен прекин на огнот во Газа.

Договорот предвидува ослободување на 50 жени, деца и тинејџери помлади од 19 години кои се наоѓаат во енклавата во замена за 150 жени, деца и тинејџери помлади од 19 години од израелските затвори. Портпаролот на Израелските одбранбени сили Даниел Хагари изјави дека војниците ќе останат на позициите во Газа за време на затишјето во борбите, пренесува ТАСС.

Слични содржини