ЗНАМ на Димитриевски ќе излезе со свој претседателски кандидат, најавува дека ќе ги диктира условите на следната Влада

од Nikola Popovski
261 прегледи

Градоначалникот на Општина Куманово и лидер на новоформираната политичка партија ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски на следните избори кои се очекува да се одржат во мај следната година, најави дека ќе излезат со свој кандидат за претседател, покрај учеството со пратеничка листа на парламентарните избори, очекувајќи сериозна поддршка од сите граѓани во државата, кои се за слога, напредок и просперитет.

“Во втората изборната единица ќе имаме сериозна поддршка од граѓаните, не поради тоа што јас доаѓам од Куманово, туку двојка како изборна единица и регионот во којшто истата гравитира, отсекогаш имала по пркосни луѓе. Но имаме сериозен проблем, на следните избори ако продолжи овој тренд на масовно иселување, ќе гласаат само партиските членови и тоа е нешто што ние ќе имаме обврска, да ги убедиме граѓаните за да излезат и да отворат нови алтернативи. Македонија заслужува да излезе од црно-сивиот, а не црно-белиот свет којшто во континуитет се потенцира и да внесе една нова свежина. Во која форма, тоа граѓаните ќе го одлучат”, вели Димитриевски. 

Политичкиот субјект ЗНАМ потенцира Димитриевски, има намера да биде следниот субјект кој ќе ги носи одлуките во државата и ќе ги диктира условите на следната влада.

“Ќе настапиме со сериозна понуда и сериозна програма која што може да направи суштинска реформа која ќе направи промена во нашата држава, притоа не повредувајќи ги правата и можностите на никој, а давајќи сериозни можности за напредок на оваа држава. Држава од два милиони луѓе ако добро се организира, може и те како добро да функционира, но потребно е работа, дисциплина и чесен однос. Ние како политички субјект не се бориме за пратеници, бројката воопшто не е битна. Се бориме да дојдеме во позиција да имплементираме проекти, идеи и власт. Како тоа ќе го направиме? Како во Куманово. Во Куманово СДСМ изгуби, ВМРО не победи. На следните избори во Македонија ќе се случи исто, СДСМ ќе изгуби, ВМРО нема да победи. А ЗНАМ ќе излезе со сериозен резултат од тие избори и ќе ги диктира условите на следната влада, во спротивно ќе делуваме како опозиција. Ние нема да отстапиме од нашите принципи коишто ќе ги афирмираме во јавноста во рамки на изборната кампања и претходно во рамки на напите програмски определби”, потенцира тој.

Слични содржини