Владата ја тргна забраната за прелет на руски авиони

од Nikola Popovski
195 прегледи

Владата на денешната седница неофицијално донела одлука да ја тргне забраната за прелет на руски авиони. Ова следува во пресрет на Самитот на ОБСЕ во Скопје, кој треба да се одржи следната недела, а на кој треба да присуствува и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров. Тоа значи дека нема формална пречка за авион, во сопственост на руската држава, да слета на некој од аеродромите во Македонија.

Засега не е познато дали на Лавров ќе му биде дозволено присуство или на некое друго официјално лице од Руската федерација.

Неодамна министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи истакна дека одлуката на ЕУ за санкции за прелети на руски авиони не се однесува на настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ.

Османи не криеше дека официјална Москва бара лично Лавров да ја предводи руската делегација на Министерскиот совет и дека процедурата за неговото доаѓање е почната, иако Русија е под санкции од ЕУ кои се поддржани и од Северна Македонија.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска смета дека ако предвид се има однесувањето на Русија и нејзината надворешна политика, не гледа причина Лавров да учествува на овој состанок во Скопје.

Се уште не е дефинирано кој ќе ја предводи делегацијата на Русија на состанокот на ОБСЕ, со оглед на затворениот воздушен простор во соседните земји за високите претставници на руското МНР.

На 30 Министерски совет на ОБСЕ, кој ќе се одржува од 29 ноември до 1 декември во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ и се очекуваат 1000 гости во делегациите. Меѓу нив се очекува и присуството на шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен.

Османи изјави дека е задоволен од динамиката на организирањето на состанокот, подготовките се при крај и дека остануваат да се завршат одредени детали во наредните денови.

На 5-ти март, руската федерална агенција за воздушен транспорт, Росавијација, препорача домашните авиокомпании со авиони изнајмени од странство да ги прекинат сите летови во странство, освен кон соседна Белорусија, за да избегнат запленување на авионите.

Слични содржини