ВМРО-ДПМНЕ вчера преку јавен настан порача дека има намера да ја направи Македонија меѓународна профилирана како држава со најнизок данок на добивка. Според нивните заложби, новата даночна политика за деклариран профит до 20 милиони евра – данокот ќе остане ист, 10%, а ако е реинвестиран, тој останува 0%. Секоја компанија без разлика дали е домашна или странска ако пријави профит од 20 до 30 милиони евра, данокот ќе биде 8%, од 30 до 50 милиони евра ќе биде 6%, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5%. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со оваа политика компаниите ќе се мотивираат што повеќе да работат, но и ќе се демотивира во целост сивата економија.
Дел од познавачите на ваквите состојби велат дека се категорично против ниските даноци, бидејќи како што тврдат, тие водат кон дното на сите полиња, не само во економијата, туку во целото општество. Според експертот по даночни прашања, Славко Лазовски, со ваквите најави ја губите и онаа конкуренција што ја имате во меѓународната трговија. Како што истакнува за „Локално“, фактички вака ја продолжувате неоколонијалната зависност.