Ковачевски: Изградивме систем на социјална заштита што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат најранливите категории на граѓани

од Nikola Popovski
174 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачески денеска го посети Центарот за дневен престој „ЕДУ практика” во Струмица. Децата кои го користат овој дневен центар имаат можност за разни активности, а овде се обезбедени и услуги за деца кои имаат потреба од индивидуален третман. Во моментот во државата има 35 државни дневни центри и 8 дневни центри како овој, во кои работат лиценцирани даватели на социјални услуги.

-Уште во 2017 година, го почнавме процесот на деинституционализација, државата вложи големи средства за отворање на нови мали групни домови. Со тоа овозможивме 24 часовна поддршка за лицата со попреченост, и можност да растат и да се развиваат во хумани услови. Донесовме нов закон за социјална заштита на лицата со попреченост, со кој им овозможивме на овие наши граѓани да добиваат нови социјални услуги како поддршка за развојот во процесот на социјална инклузија во заедницата каде живеат.

Владата која ја предводам, креира системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Изградивме систем на социјална заштита што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат најранливите категории на граѓани. Обезбедивме средства за редовна исплата на правата од социјална и детска заштита и дополнителна финансиска поддршка.

Со Законот за заштита на децата, овозможивме барателите сами да одберат кое право ќе го користат-нега од друго лице, лична асистенција и паричен додаток нега од друго лице, а државата тоа што го бараат да го испорача.

Со Новиот Закон за основно образование за прв пат во Северна Македонија имаме организиран систем на инклузивно образование преку кој на секое дете му се дава можност да учи заедно со останатите врсници, но со образовна асистенција. Во моментот во државата има обезбедено 820 образовни асистенти, за децата кои имаат таква потреба.

Правото на паричен додаток го проширивме и за лицата со интелектуална попреченост и аутизам. Воведовме право на 50% скратено работно време за родителите на децата со попреченост, каде половина од платата ја надоместува работодавачот, а другата половина државата. Воведовме право на лична асистенција и за лицата со потешка, или најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица.

Во образованието со подзаконски акти, како поддршка на пристапноста, ги обврзавме училиштата, кога побаруваат капитални инвестиции за реконструкција за да им бидат одобрени задолжително да обезбедат пристапни рампи и пристапни тоалети.

Пред неколку месеци беше донесен и Законот за систем за проценка на попреченоста, кој ќе создаде квалитет, стручен и централен систем за проценка на секој тип на засегнато здравје и попреченост, согласно кој ќе се остваруваат материјални и нематеријални права, изјави премиерот Ковачевски.

Слични содржини