Кој ги подгрева меѓуетничките тензии: „Попова Шапка избрана како место кое оди во интерес на служби кои ги злоупотребуваат чувствата на граѓаните“

од Nikola Popovski
515 прегледи

Кој ги подгрева и онака кревките меѓуетнички тензии во земјава, особено по вчерашното симнување на знамето на МПЦ пред манастирот на Попова Шапка и истакнувањето на албанското знаме? Експертската јавност е децидна дека ова се прави секогаш кога има политички и економски проблеми и дека само е најден изговор за да некој има повод да искреира вештачки инцидент. Колумнистот и аналитичар Александар Ристевски смета ова е само лош и непримерен обид да се поларизираат односите меѓу локалното население, но и да се вовлече во играта целокупната нација. Во разговор за „Локално“ вели дека не може поставувањето на крст во атарот на црковното земјиште да се толкува како провокација, бидејќи зошто било чиј верски симбол некого би провоцирал.

-Политичарите имаат одговорност за она што го кажуваат и прават. Едно е да се искаже став, да се брани страна, друго е да се подгрева нетрпеливост која креира тензична атмосфера, која може да има реперкусии, оценува Ристевски.

Според него, НАТО како колективен систем за безбедност ги штити границите и територијалниот интегритет и сувереноста на секој земја од надворешни опасности и агресии.

Александар Ристевски

-При внатрешни конфликти и тензии, секогаш застанува на страната на одбрана на системот и државниот инегритет. Сме гледале состојби во Шпанија на пример кога имало сецесионистички тенденции, и сите знаеме како тие обиди завршувале. При внатрешни конфликти и кревање на тензија по други основи, полицијата, обвинителството и судот треба да реагираат, без никакви калкулации или „хендлање“ на нештата. Словото на законот е јасно, и доколку за секој обид на нарушување на меѓу етничките и меѓу конфесионалните односи се реагира, ваквите глупирања ќе исчезнат, советува соговорникот.

Околу тоа на кого повеќе му одговараат ваквите меѓуетнички тензии, Ристевски вели дека во дадената ситуација, вакви настани не и се од корист на опозициската ВМРО ДПМНЕ. Како што вели, таа е во една комотна позиција, во која е и повеќе од извесно дека ќе понесе убедлива победа на следните избори.

-Корист од вакви тензии може да има само владејачката СДСМ, која во отсуство на реални проекти, изгубена локална власт, секојдневни корупциски скандали (нејзини и на коалициските партнери), ова може да го искористи за сатанизација на најголемата политичка партија, со обида да го плаши народот дека со промена на власта би се нарушил и мирот во државата, истакнува аналитичарот.

Тврди дека кај политичките субјекти на партиите на македонските Албанци, сите партии и колаиции кои се спротивставуваат на ДУИ никако не успеваат да се издигнат над себе, и се уште се водат со некои стари реторики кои ретко кај кого проаѓаат.

-Наместо енергијата да ја насочат кон општините со кои раководат и ресорите во кои имаат власт и кадри, тие се обидуваат со ДУИ да се борат со докажување и покажување „кој е поголем Албанец“. Според мене погрешен пристап. На ДУИ може да му се спротивстават само со чесни кадри, со разоткривање на нивните афери и криминали, со директна работа со населението и со најобични секојдневни проблеми. Теми со вера, користење на јазик, знаме, симболи, во огромна мера се надминати и веќе депласирани. Животниот стандард, корупцијата, дивоградбите, непотизмот, злоупотребите, комуналната ифраструктура, тоа се темите со кои секој граѓанин во Македонија, а особено македонските Албанци се засегнати. Тие се врзани во голема мерка во стегите за гласање за „свои“ претставници во Собранието и Советите,а многу малку им е испорачано. Многу повеќе им се продава дневна политика и некакви „мегали“ идеи, отколку справување со предизвиците кои ги носи секојдневниот живот, заклучува Ристевски.

Политичкиот аналитичар Башким Селмани, пак вели дека долго време е инвестирано од политичките партии и граѓаните во однос на мирувањето на односот после 2001 година.

Односите беа на одличен начин и одеднаш кога народот заборави на тие работи и се повеќе се нагласуваат економските проблеми и од моментот кога не се изгласаа уставните измени, Попова Шапка е избрана како едно место од кое ќе извират многу проблематични односи и оди во интерес на странски и внатрешни служби, кои ќе ги злоупотребуваат чувствата на граѓаните. Ова не е интерес на државата и во иднина ќе има различни проблеми кои ќе бидат интерпретирани на поинаков начин, оценува тој во разговор за „Локално“.

Башким Селмани

Како што вели, втората фаза е доколку не се приклучиме кон ЕУ и не се спроведат уставните измени, ќе има различни патишта на земјава, а ова е еден само еден извор кој ни докажува дека односите можат да бидат уште полоши и фактички економската криза може да се дефокусира со меѓуетничките односи.

-Традиција е кај нас дека секогаш кога има политичка или поинаква криза, да се делува врз најслабото на земјата. Во предност се самите граѓани кои знаат дека нештата се оркестрирани од одредени партии или групација. Тие знаат дека ова се само игри. Секогаш од независноста, кога има политички проблеми, вакви проблеми се создаваат на терен, потсетува Селмани.

Вели дека очекувал различни проблеми, но најмалку во однос на Попова Шапка.

-Видовме одредени луѓе кои сакаат да го бранат крстот, другата страна која сакаат да го урнат и тоа создава ново дереџе на Македонија кое најмалку ни треба. Се знае економската криза е најголем проблем за сите граѓани. Сепак, ова може да биде една од главните реторики на партиите кои ќе се докажуваат како поголеми патриоти за државата и евроинтеграциите, смета тој.

Според него, ваквиот проблем им одговара на двете страни – власта и опозицијата, бидејќи како што вели, секогаш партиите се дојдени на власт, се дојдени преку вакви основни чекори  – дојдени на ваков принцип.

-Ако се земат во обзир овие индикации, иде во интерес на партиите, но не и на државата и самите граѓани, дециден е соговорникот.

Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер околу 23.30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица.

Тој се сомничи дека два часа претходно од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија.

-По документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок, стои во соопштението од МВР.

На црковно место најприродно е да има крст, порачаа претходно од Црковниот одбор на манастирскиот комплекс на Попова Шапка, по низата реакции на политичките партии. Крстот како што посочуваат оттаму е подигнат по барање на верниците и според Законот за градење не е објект туку урбана опрема, за која не треба дозвола за градба туку решение за поставување чија законска рамка ниту верските објекти ниту државните институции не ја почитуваат.

Н.П.

Слични содржини