Властите на Босна и Херцеговина го забранија увозот на два тона мандарини од Република Хрватска, бидејќи при проверките на овошните примероци на границата е откриено присуство на пестициди, чија употреба е забранета во ЕУ од 2020 година.
Санитарната инспекција на Федерацијата Босна и Херцеговина земала мостри од пратка мандарини на граничниот премин Бијача, недалеку од Метковиќ, чија лабораториска анализа утврдила недозволена количина пестицид (хлорпирифос), соопшти денеска инспекциската служба.
Присуството на тој пестицид е во спротивност со локалниот правилник за максимални нивоа на остатоци од пестициди во и на храната и добиточната храна од растително и животинско потекло и Законот за здравствена исправност на прехранбените производи и предмети за општа употреба, објаснуваат од истата институција.
Поради оваа причина, инспекторите на Сојузната управа за инспекциски работи забранија увоз на пратката со вкупна тежина од два тона, при што беше наредено да се уништи.
На почетокот на ноември, надлежните од оваа институција добија наредба за зголемен надзор на увезените агруми по препорака на Агенцијата за безбедност на храна на Босна и Херцеговина.
Претходно овој месец, употребата на истиот пестицид беше откриена во друга пратка со овошје од Хрватска.
Употребата на пестицидите хлорпирифос и хлорпирифос-метил во земјите-членки на ЕУ, како и во Босна и Херцеговина, е забранета од пролетта 2020 година.