Претседателот на САД Џо Бајден го поздрави ослободувањето на Американката која беше држена како заложник од Хамас и уште еднаш истакна дека САД имаат цврсти намери да се постигне враќање на сите заложници од појасот Газа.
Вчера, уште 16 лица се вратија кај своите семејства по повеќе од 50 денови поминати во заложништво. Една од нив е израелската Американка Лиат Атзили, учителка и водич во израелскиот музеј на Холокоустот „Јад Вашем“.
-Џил и мене ни е многу драго што таа скоро ќе се сретне со своите три деца и својот татко, кои беа скршени од грижа за нејзината безбедност, изјави Бајден во соопштение синоќа.
-Ние и понатаму остануваме целосно одлучни да успееме да го ослободиме секој човек кој е во заложништо на Хамас како резултат на жестокиот терористички напад на Израел на 7 октомври, вклучително и сопругот на Лиат, Авив, изјави Бајден.
Американскиот претседател изјави дека договорот за прекин на воените дејствиа во Газа и ослободувањето на заложниците, над што САД работеле активно, дејствува веќе шести ден.
-Договорот донесе опипливи резултати. Речиси 100 заложници се вратија кај своите најблиски. САД ги предводат напорите на меѓународната заедница за да се искористи прекинот за засилување на снабдувањето на дополнителна хуманитарна помош во Газа, изјави тој.
Според него, во изминатите денови во појасот Газа стигнале повеќе од 200 камиони со хуманитарна помош, како храна, вода, лекови, предмети за прва помош, гориво и гас за готвење.
Помошта за првпат стигна и во северниот дел на Газа. САД во вторникот по воздух доставија повеќе од 24 тони медицинска опрема и храна во центарот за распределување хуманитарна помош во Египет.
-Му благодарам на премиерот на Израел Нетанјаху, емирот на Катар шејкот Тамим бин Хамад ал-Тани и претседателот на Египет Абдел Фатах ас-Сиси, за нивното продолжително партнерство во овој процес и нивниот незаменливи стремежи за тоа сите заложници да се вратат дома и да се достави повеќе помош за мирните жители на Газа, изјави Бајден.