Обновени судирите меѓу израелската армија и либанскиот Хезболах

од Radmila Tasevska
243 прегледи

Израелската армија денеска соопшти дека погодила „терористичка ќелија“ на југот на Либан, а либанскиот Хезболах ги обнови нападите врз Израел.

Неколку ракети беа истрелани од Либан кон воен контролен пункт долж границата кај Рош Ханикра и Маргалиот, како и врз северниот град Кирјат Шмон, се наведува во соопштението.

Две ракети истрелани кон Кирјат Шмон биле пресретнати од системот за противракетна одбрана „Железна купола“, објавија израелските медиуми.

Израелската армија одговори со артилериски оган.

Во меѓувреме, проиранскиот Хезболах ја презеде одговорноста за нападите врз позициите на израелската војска.

Како што наведува таа екстремистичка организација, нејзините борци нападнале група израелски војници долж границата со Либан.

Тоа е прв напад на Хезболах врз израелски војници во пограничната област од 24 ноември, кога започна примирјето во војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас, сојузникот на Хезболах.

Во кусото соопштение, Хезболах наведе дека неговите борци користеле „соодветно оружје“ против израелските сили во близина на контролниот пункт Џал Алам. Засега не се знае дали има жртви.

Хезболах напаѓа израелски цели долж границата од 8 октомври, ден по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.

Слични содржини