Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, повторно на денешниот распит во Обвинителството негирал каква било поврзаност со киднапирањето и убиството на неговата ќерка. Тој од затворот „Скопје“ бил донесен во Кривичниот суд, за да даде исказ пред обвинителот.
Ова е втор пат да тврди дека не бил вклучен. Нема податоци како ја оправдувал таа информација, дека на киднаперите им дал информации кога Вања ќе излезе од дома, но и дека таа ќе биде сама – а не со сестра и, како што било вообичаено.
Ѓорчевски ќе биде вратен во притвор, каде ќе биде задржан два дена, до поднесувањето на кривичната пријава, кога би можел да му биде продолжен притворот.
Обвинителството најверојатно ќе побара продолжување на притворот до 30 дена и за другите осомничени за убиството.
Обдукцијата на телото на Вања беше завршена денеска, но наодите се уште не се предадени на Обвинителството, бидејќи интензивно се работи на други анализи. Како што се наведува, обдукцијата треба да ја утврди причината за насилната смрт и точното време кога е убиена, а се смета дека обдукцискиот извештај е еден од клучните докази во истрагата и расветлувањето на случајот.