Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари вели дека ќе ја поддржи одлуката Талат Џафери да биде првиот технички премиер Албанец. Според него, тоа е симболика и порача дека секоја албанска партија треба да покаже широкоградост во овие моменти и да продолжат понатаму, со цел да се има успешни избори.
Таравари денеска по панел-дискусија на партијата, одговори на новинарско прашање дека начелно имаат одлука од Централното претседателство на АА на парламентарните избори да настапат самостојно.
-Сите комбинации се можни – и да имаме, и да поддржиме некој друг, ќе видиме. Немаме дефинитивна одлука, рекол претседателот на АА на прашањето дали ќе имаат свој кандидат за претседател на изборите.
Веќе е извесно дека собранискиот спикер Талат Џафери, ќе биде првиот човек во техничката влада до изборите во април следната година. Тој посочи дека оваа функција со должно почитување и соодветна одговорност ќе биде спроведена од негова страна.
И додека Џафери седнува во премиерската фотелја на 28-ми јануари, органите на владејачката СДСМ треба да го номинираат претседателот на Собранието. Јован Митревски координаторот на нивната пратеничка група е човекот кој би требало да претседава со Собранието.