Укинувањето на организациските директори и спојувањето на Клинички ќе се случи по изборите

од Nikola Popovski
339 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Фатмир Меџити порачаа дека укинувањето на организациските директори на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и тамошната реорганизација ќе остане за по изборите во мај.

Меџити рече дека процесот е започнат и тој ќе мора да заврши со што, како што кажа тој ќе се оствари неговиот прв приоритет откако пред девет месеци беше назначен за министер за здравство.

-Нормално, течат сите процедури, треба да се спојат, 33 управни одбори, 33 медицински, 33 организациски директори. Веќе нема да дозволиме рековме од првиот ден здравството да биде во ваква состојба, сите наши планови се реализираат со конкретната динамика што ја имавме досега, рече Меџити, на новинарско прашање по промоцијата на нова апаратура во Македонската академија на науките и уметностите.

Според премиерот Димитар Ковачевски, процесот е почнат и после изборите ќе биде реализиран, со оглед дека треба да се направат соодветните реорганизации.

-Да бидеме реални, на еден квадратен километар, нема потреба од 60 организациски директори и 60 управни одбори. Бевме и во ковид-криза и други кризи. Имаше и други предизвици, рече Ковачевски запрашан зошто досега не било реализирано ова предизборно ветување.

Укинувањето на организациските директори не е тема што дојде со Меџити. СДСМ ова го имаше истакнато во својата изборна програма „План за живот во Македонија“, со која во 2017-та дојде на власт. Проблемот беше сериозно анализиран и од Министерството за здравство, во една од анализите изготвени во 2018 година, каде што се мерат ефектите на организациските директори. Заклучокот е дека тие позиции носат повеќе зијан од ќар, и треба да бидат укинати.

Слични содржини