Претседателот на Собранието и предлог на ДУИ за прв премиер Албанец во последните 100 дена од Владата, Талат Џафери синоќа порача дека нема ништо противуставно во тоа неговата партија да ја предводи функцијата премиер на техничка влада.
-Ако законот вели партијата со најголем број пратеници, согласно Уставот Влада или премиер предлага коалицијата со најголем број пратеници. Значи иако во Законот за Влада така пишува, Уставот дава можност премиер да биде предложен од коалицијата која има 61 или повеќе пратеници, посочи Џафери.
Вели дека познава многу Македонци, кои апсолутно немаат ништо против токму тој да биде премиер.
Во однос на одредени реакции од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Џафери рече: „ВМРО-ДПМНЕ го прифати Талат Џафери за министер за одбрана во 2013, зошто би имале против да ме прифатат за премиер“.
Џафери од друга страна не ја исклучува и можноста да има техничка влада без ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека и во претходната техничка влада беше разрешен министер од редовите на оваа партија.
-Се среќавам со многу Македонци, добивам коментари од нив, слушам реакции, можам да кажам дека за голем дел од нив е прифатливо моето решение за премиер, порача Џафери во гостувањето на емисијата „Клик плус“.