„Гардијан“: 26% од Европејците ја сакаат С.Македонија во ЕУ, генерално се отворени за прием на Украина

од Nikola Popovski
706 прегледи

Европејците се генерално отворени за идејата Украина да се приклучи на ЕУ, и покрај трошоците и ризиците, но во најдобар случај се „млаки“ во врска со потенцијалното проширување на блокот што ќе го прифати и Грузија и земјите од Западен Балкан. Oва се резултатите од анкетата што ја пренесе британски „Гардијан“.

Анкетата покажа дека поддршката за влезот на Украина е највисока во Данска (50%) и Полска (47%), поделено мислење има во Романија (32% за, 29% против), во Германија (37% за, 39% против), а во Франција соодносот е (29% за, 35% против). Во Австрија противењето било 52 отсто.

45% од испитаниците се загрижени дека пристапувањето на Украина ќе има негативно влијание врз безбедноста на ЕУ, наспроти 25% кои сметаат дека тоа ќе го подобри, додека 39% веруваат дека влезот на Киев негативно ќе влијае на безбедноста на нивната земја.

Многу Европејци не гледаат економска корист од членството на Украина. Додека 43% од испитаниците во Полска и 37% во Романија забележале позитивно влијание за економијата на ЕУ, 54% во Данска и 46% во Австрија предвиделе трошоци.

Постои јасна поделба меѓу „старите“ и „новите“ земји-членки на ЕУ во однос на проширувањето. Испитаниците во Австрија (53%), Германија (50%) и Франција (44%) кажале дека ЕУ не треба да прима нови членки. Спротивно на тоа, во Романија мнозинството (51%) и во Полска (48%), веруваат дека ЕУ треба да се прошири.

Истражувањето покажало силно противење на можноста Турција да се приклучи на ЕУ, при што 51 отсто од анкетираните во шесте земји се противат на идејата и помалку од еден од пет испитаници поддржуваат какво било напредно движење за членство на Турција.

Европејците, исто така, покажале студен однос кон приемот на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија, Црна Гора и Србија, со помалку од 30% поддршка.

Поддршката за пристапување е најмала за Косово со 20% за , а 37% против, Албанија (24% за, 35% против), Србија (25% за, 35% против) и Грузија ( 25% за, 31% против).

Мислењето е порамномерно поделено за Северна Македонија (26% за, 27% против), за Босна и Херцеговина (28% за, 29% против), за Молдавија (30% за, 28% против) и за Црна Гора (30% за и 25% против) приклучување кон ЕУ.

Слични содржини