Подобрена е активната транспарентност на партиите, но ниту една нема постигнато „одлична активна транспарентност“, покажуваат резултатите на ИРИ

од Radmila Tasevska
155 прегледи

Активната транспарентност на политичките партии е подобрена, покажуваат резултатите добиени од Индексот на транспарентност на политичките партии за 2023 година, иако сè уште ниту една партија нема постигнато „одлична активна транспарентност“, односно од можни 120, ниту една партија нема повеќе од 97 поени.

Меѓународниот републикански институт (ИРИ) денеска ги презентираше резултатите на Индексот на транспарентност на политички партии за 2023 година. Во рамки на Индексот набљудувани се веб-страниците на партиите од парламентарниот состав 2020-2024, во периодот од 1-ви до 31-ви октомври оваа година.

Индексот партиите ги оценува во четири категории – основни информации за партијата, пристап до информации од јавен карактер, финансиска транспарентност, како и комуникација или отвореност кон граѓаните.

Оценувањето е поделено на пет нивоа на активна транспарентност, односно одлична, многу добра, добра, задоволителна и незадоволителна активна транспарентност.

Степенот „многу добра активна транспарентност“, за првпат го постигнале три политички партии, односно СДСМ, Левица и Алијанса за Албанците, додека пак, во категоријата „добра активна транспарентност“ се седум од набљудуваните политички партии, односно ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДОМ, Демократски сојуз, Алтернатива, ДПА и Партија на пензионери.

Во категоријата „задоволителна активна транспарентност“ има пет политички партии, додека пак, три политички партии кои се вклучени во примерокот спаѓаат во последната категорија на партии со „незадоволителна активна транспарентност“.

Најдобар резултат на овогодинешниот Индекс на транспарентност има СДСМ со 75 отсто исполнетост на индикаторите и освоени 92 поена. Партијата бележи пораст од едно ниво на скалата и при ова мерење на активната транспарентност е оценета со „многу добра активна транспарентност“.

Веднаш по СДСМ, следуваат Левица со 84 поени, 12 поени повеќе од освоените на претходното мерење во 2021 година и Алијанса за Албанците со 73 поени, која бележи раст од 51 поен за разлика од 2021 година.

Во делот „основни информации“ се анализира достапноста на податоци за партијата, каде партиите покажуваат најслаби резултати, односно исполнуваат само 36 отсто од индикаторите.

Во оваа категорија, најмногу поени освојуваат Левица, СДСМ и Алтернатива, односно повеќе од половината од вкупниот број бодови, додека пак, останатите 15 партии се со освоени помалку од половината бодови.

Партиите најмногу објавуваат информации за кои се обврзани во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, покажуваат резултатите од Индексот.

Во категоријата „пристап до информации“ партиите имаат во просек највисоки 53 отсто исполнување на индикаторите.

Најдобра партија во овој дел е СДСМ со освоени максимални 17 поени, по што следуваат Алтернатива со 16 поени, Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ со 15 и ДУИ и ДПТМ со 14 поени. Три партии немаат никаква информација за пристап до информации од јавен карактер.

Само пет партии ги имаат објавено сите финансиски извештаи за анализираниот тригодишен период.

Подобро се оценуваат политичките партии кои ги објавуваат овие документи во отворен или пребарлив формат во кој може да се копираат информациите. Таков пример има само во еден случај и тоа кај СДСМ, каде информациите се целосно објавени.

Одлична практика воспоставиле Алијанса за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои ги објавиле трошоците од изборните кампањи во интерактивна база на податоци, од која може да се преземат податоците во отворен формат, додека пак, кај НСДП е забележано дека има објавено извештај за донации за 2019 година во отворен формат, но само како еден изолиран случај, а не целосно за сите три години.

Може да се забележи дека ЛДП и Алтернатива имаат објавено извештај за донации само за една година, а БЕСА, СП, ДПТМ и Партија за движење на Турците не објавиле ниту еден извештај.

Што се однесува на последниот дел, „комуникација со граѓаните“, само кај пет партии се достапни програмите од последните три изборни циклуси, односно СДСМ, Левица, ДС, Алијанса за Албанците и ДОМ, додека пак, ГРОМ има објавено две изборни програми од последните три изборни циклуси.

Останатите три партии, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ЛДП имаат објавено по една изборна програма.

Слични содржини