Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) ризикува да го „закопа олимпиското движење“ со барањето руските и белоруските спортисти да настапуваат под неутрално знаме на Олимписките игри 2024 во Париз, изјави денеска шефот на руската држава Владимир Путин на конференција за новинари во Москва.
„Доколку меѓународните спортски челници продолжат да делуваат на ист начин, ќе го закопаат олимпиското движење. Самата идеја на олимпизмот денес е загрозена“, рече Путин.
Рускиот претседател додаде дека сака „внимателно да ги анализира условите“ пред да донесе конечна одлука за настап или бојкот на руските спортисти на Игрите во Париз.
ИОК на почетокот на овој месец објави дека ќе им одобри на руските спортисти под неутрално знаме и под строги услови да учествуваат на ОИ2024, што наиде на осуда од Украина.