Честитки до Украина и Молдова за почетокот на преговорите со Европската Унија, објави утрово шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.
Истакнува дека „и денес кај нас можеше да биде ден за славење“.
-Денес можеше да биде ден за славење и кај нас за отварање на поглавјата, но антиевропските темни сили држат во заложништво 2 милиони граѓани, стои во објавата на Османи.
Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ денеска го продолжуваат дводневниот Самит на Унијата, во чии рамки вчера донесоа одлука за старт на преговорите за членство со Украина и Молдавија, и доделија кандидатски статус на Грузија и решија за Босна и Херцеговина да остане условената препорака за почеток на пристапните преговори.
Овие одлуки беа донесени како дел од дебатата за проширувањето на ЕУ, во чии рамки беа усвоени и Заклучоците за процесот во кои се посочува дека Европската Унија е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.
„Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени“, се наведува во документот.