Дали, колку и како македонските компании се дигитално трансформирани

од Radmila Tasevska
258 прегледи

Дигиталната трансформација стана честа тема во глобалната деловна заедница. Предностите што оваа трансформација ги носи, пред се зголемена ефикасност, заштеда на трошоци и раст на приходите ја наметнува како неопходна промена посебно за малите и средните компании.

Сепак, темпото на дигитална трансформација меѓу македонските компании варира, при што микро, малите и средните претпријатија (ММСП) често заостануваат зад поголемите фирми. Додека владата ја препозна важноста на дигитализацијата и презеде одредени чекори кон создавање средина за поддршка, многу ММСП сè уште се соочуваат со значителни предизвици во усвојувањето на дигиталните технологии и нивното искористување за подобрување на нивните бизниси.

Заради потребите на микро, малите и средни претпријатија да ја преземат оваа трансформација, наспроти сите можни препреки, Бизнис конфедерација на Македонија спроведе анализа меѓу македонските компании за да се истражи овозможувачката средина за нивната дигитална трансформација.

Внатрешните можности, надворешните фактори, кадар и недостаток од кадар, можности и бариери се точките на кои се насочи анализата. Заклучоците од анализата ќе бидат искористени за усвојувањето на дигиталните технологии од ММСП и за развој на поволна средина за дигитална трансформација на македонските ММСП, помагајќи им целосно да ги остварат придобивките од дигиталните технологии и да ја зајакнат конкурентноста на
економијата на земјата во целина.

„Во македонската економија доминираат микро, малите и средни претпријатија, кои се соочуваат со неколку предизвици кога станува збор за дигиталната трансформација. Еден од клучните предизвици е недостигот од дигитално квалификувана работна сила, заедно со инерција на менаџерски способности, кои значително го ограничуваат капацитетот и способноста на ММСП да користат дигитални технологии до максимален ефект. Понатаму, конзервативната корпоративна култура меѓу компаниите во Северна Македонија преовладува
и придонесува за ниското ниво на дигитална трансформација“, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија. Анализата ги одбележува ограничувањата со кои се соочуваат ММСП и обезбедува препораки за нивно решавање, врз основа на можностите за дигитална трансформација во македонските претпријатија.

„Иновациите во маркетинг методите за промоција, пакување, цени, пласман на производи илиуслуги по продажбата преовладуваат меѓу ММСП во Северна Македонија, а многу бизниси веќе ги прифатија дигиталните технологии како што се социјалните медиуми и е-трговијата. Тие вклучуваат подобрување на дигиталните вештини и обука, обезбедување стимулации за дигитално усвојување, развивање на поддржувачка правна и регулаторна рамка и промовирање на соработка и партнерства помеѓу малите и средните претпријатија, поголемите бизниси и другите засегнати страни“, дополнува Бошков.

Истражувањето сугерира дека иако има предизвици, постојат и значителни можности и капацитети за дигитална трансформација во македонските претпријатија. Преку прифаќање на дигиталните технологии и развивање на поддржувачки екосистем за дигитално усвојување, бизнисите во Македонија можат да ја зголемат својата продуктивност, ефикасност и конкурентност и да придонесат за севкупниот економски раст и развој на земјата.

Слични содржини