Денеска беше промовирана веб-страницата на системот за рано предупредување за исчезнати деца „najdime.org.mk“. Ќе биде на три јазици-македонски, албански и ромски, а ќе функционира со поддршка на МВР.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири најави дека ќе се воведува и новина во електронскиот дневник. Родителите веднаш би биле известени доколку ученикот отсуствува од час.
„Се прават сите напори електронскиот дневник да биде интегриран, да биде поврзан со родителите, како ти би добивале информација за нивните деца, веднаш после внесување на податоците. Ова е уште едно системско решение на кое се работи“, изјави министерот за образование Шаќири.
Од МВР велат дека овој систем и еден класичен пример на соработка со граѓанските организации, што ќе придонесе за поголема безбедност.
Следејќи ги искуствата од другите земји кои имаат системи за предупредување за исчезнати деца и потпирајќи се на австрискиот пример – „Австрија ве наоѓа“, Новинари за човекови права и во соработка и под проектен менаџмент на ECPAT Австрија, го спроведува проектот во Северна Македонија со експертска поддршка од земјава и ЕУ и ангажирање и вмрежување на повеќе чинители: јавен и приватен сектор, граѓански организации, медиуми.
Проектот, чија главна цел е да се подобрат постоечките пристапи и да се изнајдат нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и заштита или зајакнување на правата на засегнатите преку размена на искуства и стекнување нови знаења, се спроведува во периодот од 1 јули 2021 година до 31 декември 2023 година, со финансиска поддршка од австриското Сојузно Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.