Стагнација на војната во Украина: Дали регрутирањето на дополнителни 500.000 војници зависи од поттикот со нова помош од Западот?

од Nikola Popovski
489 прегледи

Киев има намера да мобилизира до половина милион дополнителни војници, откри претседателот Володимир Зеленски додека војната со Русија се приближува кон третата година. На прес-конференција во Киев, тој посочи дека воените команданти побарале дополнителни 450-500 илјади војници, признавајќи дека ова барање е многу скапо и чувствително. Зеленски вели дека му требаат повеќе информации пред да донесе одлука, навестувајќи дека околу половина милион војници се веќе на фронтот. Неговите зборови доаѓаат по прекинот на пристигнувањето на помошта од САД и Европската унија.

Дел од познавачите на состојбата велат дека претседателот на Украина е под притисок да донесе мерки со кои значително ќе се прошири мобилизацијата на нови војници за да се пополнат губитоците и дозволи повеќе ротации на предната линија. Аналитичарот за безбедносна политика и дел од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи, Пецо Трајкоски во разговор за „Локално“ вели дека тоа нема да биде едноставно, бидејќи засега украинското општество е изморено од војната. Според него, со неуспешата офанизива и се повеќе млади луѓе кои бегаат од обврската да одат во војна, мобилизација на повеќе војници, вклучувајќи и преземање на акции против лицата кои избегуваат задолжителна воена служба, како оние кои се запишуваат на високото образование нема да даде некој резултат.

Пецо Трајкоски

-Во моментов, само мажите во возраст од 27 до 60 години можат да бидат повикани, додека оние меѓу 18 и 26 години можат да се волонтираат. Постојат извештаи за присилно регрутирање кое предузивикува вознемирување на украинската јавност и има многу написи за такви присилни регрутации или толку малку обука што резултирале со десеткување на цели единици. Од тука, не сум многу сигурен дека Украина ќе успее со желбата да регрутира толку голема база на свежа крв ако нема поттик со нова помош од Западот и успеси во воените дејствија, истакнува Трајкоски.

Како што анализира соговорникот, војната во моментов стагнира, нема напредок кај Украинците но ниту русите на напредуваат. Она што практично имаме во Украина, потенцира Трајкоски, е стагнација на конфликтот во кој и двете страни од различни причини го користат периодот да се регрупираат.

-Украинските снаги обрнуваат внимание на засилување на своите одбранбени позиции во голем дел од предната линија и има повици за регрутација на нова војска. Втората причина за стагнацијата е одложувањата и ограничувањата во поддршката од Запад за Украина и нејзината неуспешност да ефикасно справи со Русија. Од друга страна има извештаи дека Русија изгубила многу голем дел од својата војска и исто така прави напори за регрутација, дури има и информации дека се обидува да регрутира од Куба или од другите централноазиски држави, пренесува Трајкоски.

На прашањето која земја е следна, доколку рускиот претседател Владимир Путин ги оствари своите цели во Украина, аналитичарот вели дека една победничка руска армија на крајот на оваа војна ќе биде огромна закана за НАТО и Западот, бидејќи практично ќе биде војска која е искусна во борба.

Од друга страна санкциите не ја погодуваат Русија онака како што Западот предвидуваше и само прашање на време е кога снакциите ќе прекинат или Русија ќе ги надмине и ќе ја обнови својата економија. Од тука дали конфликтот ќе заврши со мировен договор кој во моментов без напредок на военото поле на Украина нема да биде поволен, или со воена победа на Русија, Русија ќе претставува значајна конвенционална воена закана за НАТО првпат од 1990-те години, во временски рок кој во значителна мера зависи од тоа колку Кремљот инвестира во својата воена моќ, предупредува соговорникот.

Сепак е дециден дека општата воена моќ на САД и нејзините НАТО сојузници е значително поголема од таа на Русија, така што нема причина да се сомневаме во способноста на Западот да победи секоја можна руска војска. Но за разлика од Русите, истакнува тој, САД и Западот се двоумат и не се обединето во поддршката на Украина, што може да биде огромна закана и да го чини Западот скапо.

Околу претпоставките дали војната би се завршила со мировно решение, Трајкоски смета дека во кој обем Украина ќе ја задржи својата територија ќе зависи од многу околности, пред се воениот напредок, поддршката од западот, должината на војната итн.

-Верувам дека во отсуство на целосна воена победа на Украина која во моментов е тешко замислива, секако сите страни ќе мораат да седната на зелената маса. Во која улога и колку отстапки ќе се направат ќе зависи од напредокот на воен план, заклучува аналитичарот за безбедносна политика.

Украина се соочува со недостиг на муниција додека продолжуваат борбите со руските окупаторски сили чија инвазија започна во февруари 2022 година.

Контраофанзивата на Киев е прекината поради зимата, а се стравува дека Русите би можеле да ги победат Украинците со вишок оружје.

Олена Зеленска, сопругата на претседателот на Украина, во интервју за Би-Би-Си претходно овој месец рече дека Украина е во „смртна опасност“ да биде оставена да умре доколку отсуствува дополнителна помош од Западот.

Рускиот претседател Владимир Путин оваа недела изјави дека Москва има намера да ја продолжи инвазијата, тврдејќи дека сите цели ќе бидат исполнети.

Н.П.

Слични содржини