Министерството за економија дизајнира нови мерки за граѓаните, особено за студентите кои ќе бидат успешни. Како што информира денеска министерот Крешник Бектеши, ова се прави во корелација со Министерството за образование и се најавува дека ќе биде изготвено во јануари.
Според министерот, ова е посебна мерка и не е дел од најновиот пакет антикризни мерки.
-Овие ќе бидат дополнителни мерки со цел да влијаеме на животниот стандард на граѓаните, кој го имале пред кризата, кажа Бектеши во емисијата „Студио 10“.
За мерката „гарантирана цена“ на производите во маркетите и продавниците, министерот посочи дека ќе продолжат најмалку за уште еден месец, односно до крајот на јануари 2024 година, бидејќи како што вели, не можеме во собраниска процедура да го усвоиме Законот за нефер трговски практики до крајот на 2023 година.