Поранешниот прв човек на Алијанса за Албанците и пратеник во Собранието, Зијадин Села смета дека неговата партија треба да настапи самостојно на следните парламентарни избори.
-Алијанса за Албанците има капацитет да излезе сама на избори и да биде конкурентна со ДУИ за да победи. Јас сум следбеник на оваа идеја, изјавил Села синоќа во емисијата „360 степени“ на МРТВ.
За варијантата за уште поширок предизборен фронт во кој би биле СДСМ со партнерите, ДУИ и Алијанса за Албанците, вели дека не е следбеник на оваа идеја.
Села истакнал дека влезот на партијата во Влада донесе стабилност за државата и стабилизирање за партијата.
-Секогаш има аргументи за и против. Ако ја имаме предвид политичката ситуација во која се наоѓаше Алијанса за Албанците во периодот кога се донесе оваа одлука, мислам дека беше потребна одлука. И одлука којашто Алијанса мораше да ја донесе, рекол тој во интервјуто.
На 29-ти декември ќе има состанок на централното претседателство на партијата. Евентуалната одлука може да се очекува во првата половина на јануари, а ќе ја донесе централното Собрание на партијата.