Папата Франциск денеска изјави дека е „близок до христијанските заедници кои трпат дискриминација“ и упати молитви за мир во Сирија, Газа и Украина.
„Ги повикувам да истраат во милосрдието кон сите, мирно стремејќи се кон правда и верска слобода“, рече папата во својот говор на празникот свети Стефан, првиот христијански маченик.
Пред големиот број верници на плоштадот Свети Петар, по молитвата папата додаде дека на свети Стефан му доверил „повик на мир за нациите зафатени од војна“.
„Медиумите ни покажуваат што произведува војната. Бевме сведоци на Сирија; сега ја гледаме Газа. Мислиме на напатената Украина. Пустина на смртта. Луѓето сакаат мир“, нагласи папата, пренесува Vatican News.
Поглаварот на Римокатоличката црква им се заблагодари на христијаните ширум светот за божиќните пораки кои му ги испратија.
„Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите што ми испратија пораки со добри желби од Рим и од многу делови на светот. Ви благодариме, особено за вашите молитви! И продолжете да се молите за папата! Неопходно е!“, изјави поглаварот на Римокатоличката црква.