Пенчиќ од „Шанса за Центар“ повеќе не е советник во општината

од Nikola Popovski
225 прегледи

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар”објави дека нивната советничка Дивна Пенчиќ поднесе оставка од советничкото место во општина Центар.

-Веруваме дека овој чекор е од суштинско значење за зголемување на искуството на повеќе граѓанските активисти во процесите на локалната самоуправа. Со вклучувањето на нови личности, Општина Центар и Советот ќе се збогатат со нови знаења и перспективи, додека граѓанските активисти од „Шанса за Центар” ќе придонесат со нови значајни искуства и капацитети.

Со ваквата постапка испраќаме недвосмислена порака до нашата јавност и граѓаните на општина Центар, дека нашите мотиви никогаш не биле лични, ниту себични, туку диктирани од потребата да се бориме за интересот на заедницата. Заедницата бара заедништво и ние, на овој пример, покажавме дека можеме тоа да го градиме, искрено и посветено, велат од иницијативата.

Сметаат дека вклучувањето на нови членови од „Шанса за Центар” ќе овозможи поголема динамика и свежина во работата на Советот, што ќе придонесе кон развој и напредок на општината.

-Благодарни сме за сиот досегашен ангажман на советничката која постојано, принципиелно и безрезервно се залага за општината, а нејзиниот придонес беше во најдобар интерес на граѓаните на Центар.

Во оваа прилика, советничката Дивна Пенчиќ изјави: „Моите ангажмани во „Шанса за Центар” продолжуваат и останувам посветена на идеите во кои верувам: зајакнување на демократијата со заедничко делување на граѓаните, активизам и учество во донесување одлуки преку консултативни и инклузивни процеси, дијалог и отвореност. Искуството од институционалното делување ми помага во градење мостови на соработка, со цел надминување на јазот помеѓу локалните власти и граѓаните и граѓанските организации, професионалните здруженија, академската јавност, младите и пронаоѓање заеднички основи за решавање на предизвиците на граѓаните и достоинството на сите нас во општините во кои живееме. Благодарам за довербата и можноста да служам, и се надевам дека моите напори имаат придонесено кон подобрување на животот во нашата заедница“, стои во соопштението од „Шанса за Центар“.

Слични содржини