Акција „Цицач“: Четири лица го оштетиле Фондот за здравство за 33 милиони денари

од Nikola Popovski
345 прегледи

По повеќемесечна предистражна постапка под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес во раните утрински часови Управата за финансиска полиција реализира акција под кодно име „Цицач” на територијата на Општина Прилеп. Предметниот јавен обвинител постапувајќи по кривичната пријава против повеќе физички и две правни лица за сторени кривични дела Измама од член 247 ст.1 и Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 ст.1 од Кривичниот, поднесена од Управата за финансиска полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица. Според описот во диспозитивот на пријавата јавниот обвинител оцени дека постои основано сомнение дека првоосомничениот како одговорно лице во правно лице сторил кривично дело Измама во службата од чл.355 ст.4 в.в. со ст. 3 в.в. со ст.1 од КЗ, за што во извршувањето му помогнале второ и третоосомничениот, а сите заедно како соизвршители сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Воедно кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело се става на товар и на четвртоосомничената.

Во временскиот период од 22.10.2020 година до 30.11.2023 година, првоосомничениот како одговорно лице во правно лице, заедно со останатите осомничени – членови на неговото потесно семејство, со намера за себе да прибават противправна имотна корист од значителна вредност, на друг начин ги довеле во заблуда овластените лица Фондот за здравствено осигурување на РСМакедонија, Подрачно одделение Прилеп да извршат незаконити исплати во вкупен значителен износ од 35.551.472,00 денари. Исплатите на паричните средства се извршувале по основ на користење на право за надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство на поголем број бремени жени-родилки. Тие, преку лажни профили на социјалната мрежа „Facebook“ во групата „Женски домаќински муабети“ објавувале огласи наменети за трудници кои имаат потреба од осигурување.

Заинтересираните стапувале во контакт со првоосомничениот кој договарал со нив вработување во некое од двете пријавени правни лица каде сопственици и управители се второ и трето осомничениот и ги пријавувал како продавачки без да одат на работа, под услов да се бремени, притоа исплаќајќи им месечни примања во висина на минималната плата. По исполување на условот од 6 месеци „непрекинат“ стаж, правел корекција на плата на многу поголеми износи од минималната, давајќи невистинити и лажни податоци во Управата за јавни приходи. Првопријавениот бил овластен потписник на банкарски сметки на пријавените правни лица како и овластен потписник на банкарските сметки на фиктивно вработените жени – родилки. Откако ќе ги уплател парите од сметките на правните лица по основ на плата и корекција на плата на сметките на жените, паричните средства веднаш ги подигал во готово и ги враќал на сметките на правните лица или ги уплатувал на сметките на останатите тројца осомничени – со што лажно прикажувал дека вработените лица добиваат паричен надомест по основ на работен однос.

Воедно, поголем дел од паричните средства кои биле исплатени од Фондот за здравствено осигурувањепо основ на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство ги присвоил за себе на начин што ги дел од паричните средства ги подигал во готово, а останатиот дел ги пуштил во оптек односно ги префрлал кон банкарските сметки на осомничените правни лица и кон сметката на својата сопруга како позајмици, а се со цел да го прикрие потеклото на нелегално стекнатите парични средства. По вршењето на таквите уплати тројцата првоосомничени знаејќи дека потекнуваат од кривично дело –Измама во службата од чл.355 ст.4 в.в. со ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, значителниот износ со намера да прикријат дека дека потекнува од кривично дело, го пуштале во оптек со уплаќање на паричните средства на сметките на правните лица по основ на давање или враќање позајмици и преку подигнување на парични средства по основ на плата, со уплати на нивните сметки, со подигнување на парични средства во готово и преку осомничените вработени лица, кои ги подигнувале од банка или банкомат и му ги давале во готово на првоосомничениот, а дел задржувале за себе.

Во пријавата се пријавени и 28 фиктивно вработени жени кои ќе бидат опфатени со скратена постапка.

Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување на мерка притвор против двајцата првоосомничени, додека за останатите две лица се предложени мерки за обезбедување присуство.

Слични содржини