Министерството за здравство информира дека во петокот, две пациентки со цистична фиброза го примија лекот Трикафта. Тие во моментов се на Клиниката за детски болести и нивната состојба е стабилна.
-Во новата година, пациентите со цистична фиброза добиваат подобар квалитет на живот, порачуваат од МЗ.
Во текот на утрешниот ден уште двајца пациенти ќе примат Трикафта, а во следниов период, повеќе пациенти етапно ќе се вклучат на терапијата.
Во ноември 2023, на седница на Влада помина предлог-буџетот за 2024 година. Со него, за оваа година ќе бидат обезбедени околу 12 милиони евра за лекот „Трикафта“. Сумата сѐ уште е далеку од потребните над 30 милиони евра, кои според пресметките, се потребни за да се набави „Трикафта“ за сите пациенти во земјава, кои се околу 130 на број.
Претходниот министер за здравство Беким Сали, на 9 февруари кажа дека се обезбедени се 140 милиони денари за лекот за 8 пациенти со цистична фиброза. Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде сумата од 563.504.040 денари се зголемува на 703.504.040 денари, односно за дополнителни 140 милиони денари кажа Сали. Истиот ден, членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза пред Владата со едноминутно молчење, свеќи и цвеќе се збогуваа од Благојче Илијевски од Битола, еден од нивните најактивни членови кој почина на 8 февруари.