Вработените во општинската администрација денеска се собрааа јавно да го изразат своето незадоволство и стравот од последиците поради недонесувањето на Буџетот на Општина Карпош за 2024 година. Велат дека причина за тоа е несовесното и противзаконско работење на дел од членовите на Советот, поточно на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Роберт Вељановски, Марјан Стефановски, Адријана Јакимовска Панчевска, Благица Цветановска, Христо Саракинов и Давор Грче, како и членот на Советот од Независните за Карпош, Невена Георгиевска и претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, претставник на Левица.
-Оваа нивна непромислена одлука, која е спротивна на уставниот поредок на Републиката, спротивна на законските одредби и спротивна на Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош, го доведува под знак прашалник целокупното функционирање на локалната самоуправа. Со овој нивен чин, тие докажаа и покажаа дека работат спротивно на интересите на граѓаните од кои ги добија мандатите.
Блокирањето на општинскиот Буџет од страна на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коaлицијата, повлекува низа на сериозни проблеми со кои ќе се соочат сите граѓани на Карпош и тоа во најтешкиот и најдолгиот месец во годината, соопштија вработените.
Помеѓу другото, редовното функционирање на Општината подразбира и:
• Одржување на хигиената на јавните површини;
• Одржувањето на урбаната опрема и детските игралишта;
• Доведени се во прашање и одржувањето на уличното осветлување;
• Тековното одржување на сервисните општински улици и инфраструктура, односно водоводот, атмосферската и фекалната канализација;
• Одржување на коловозот во зимски услови, односно чистење на снегот, (на само неколку дена пред најавата за обилни врнежи од снег).
-Притоа, членовите на Советот кои не доведоа до оваа ситуација:
• Го одземаа правото на граѓаните, дефинирано во Уставот на РМ како неприкосновено право на локална самоуправа;
• Го доведоа во прашање функционирањето на Општина Карпош;
• Исто така, тие со нивното незаконско работење ги доведоа во прашање платите на вработените во општината, градинките и училиштата;
• Ги доведоа во прашање и Договорите на привремено вработените во општината, училиштата и градинките.
Тие го загрозија и правото на децата на предучилишно згрижување и воспитување, како и правото на децата жители на општината на основно образование. Со нивното несовесно и противзаконско работење, тие го доведоа во прашање фукционирањето на Општина Карпош во секоја смисла на зборот.
Што значи тоа? Тоа значи дека општината од 1 јануари 2024 година нема основ ниту пак средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во општинските објекти, како и во училиштата и градинките. На тој начин на општинската администрација ќе и биде оневозможено правото на работа и извршување на работните обврски, бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа.
Со тоа, општинската администрација не може повеќе да биде СЕРВИС НА ПРИБЛИЖНО 70.000 ЖИТЕЛИ на Општина Карпош.
На крајот, јавно се обраќаме до Обвинителството да преземе мерки против незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети предизвикани со неговиот неодговорен однос, стои во барањата на вработените во општинската администрација во Карпош.