Најмалку 73 лица загинаа во две експлозии во близина на гробницата на иранскиот генерал Касем Сулејмани на четвртата годишнина од неговиот атентат од страна на САД, објавија иранските државни медиуми.
Државната телевизија Ириб јави дека уште 171 лице е рането кога експлозии ја погодија поворката во близина на џамијата Сахеб ал-Заман во јужниот град Керман.
Заменик-гувернерот на Керман изјави дека станува збор за „терористички напад“.
На интернет кружат бројни слики на кои се гледа наводниот момент на експлозијата како и тела на загинатите и повредените. „Телеграф“ не можеше да ја потврди автентичноста на тие снимки.
Video from one of the explosions in #Kerman, #Iran pic.twitter.com/XkJ6zpmfw4
— Aleph א (@no_itsmyturn) January 3, 2024
Стотици луѓе, наводно, отишле до гробницата во средата, како дел од церемонијата за комеморација на генералот Сулејмани, кој беше убиен во напад на американски дрон во соседен Ирак во 2020 година.
На Сулејмани се гледа како на најмоќната фигура во Иран по врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Како командант на прекуокеанските операции на иранската револуционерна гарда, Силите Кудс, тој беше архитект на иранската политика низ целиот регион.
Тој беше задолжен за тајните мисии на силите Кудс и за обезбедување насоки, финансирање, оружје, разузнавачка и логистичка поддршка на сојузничките влади и вооружените групи, вклучувајќи ги Хамас и Хезболах.
Тогашниот американски претседател Доналд Трамп, кој го нареди убиството во 2020 година, го опиша Сулејмани како „терорист број еден насекаде во светот“.