Црногорскиот премиер смета дека „Lidl“ е решение за скапите намирници во неговата земја

од Nikola Popovski
865 прегледи

Германскиот амбасадор во Подгорица, Петер Фелтен, за тамошните медиуми изјавил дека германскиот малопродажен синџир „Lidl“ сака што поскоро да ги отвори своите продавници со намирници низ цела Црна Гора.

Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ отворањето на „Lidl“ го гледа како решение за пониски цени во неговата земја.

Спајиќ истакнал дека германската компанија „Lidl“ би можела да ги реши „сомнежите дека цените на храната во Црна Гора растат по договор на трговските синџири“.

РСЕ веќе објавил дека заедно со поскапувањето на храната во Црна Гора, расте и заработувачката на четири од петте големи трговски синџири во таа земја: „Voli“, „HD Lakovic“, „Idea-Franca“ и „Aroma“.

Според РСЕ, сопствениците на четирите синџири маркети само лани заработиле 20 милиони евра.

Во Црна Гора, според законот од 2006 година, пазарните цени се формираат слободно.

Меѓународниот трговски синџир „Lidl“ досега купил три големи локации во Црна Гора за своите идни мегамаркети, а компанијата претходно не сакала да зборува за плановите за Црна Гора, ниту за рокот кога би можеле да почнат со работа.

Слични содржини