Северна Кореја денеска изведе вежби со боева муниција и истрела артилериски гранати во морето северно од јужнокорејскиот остров Јеонгпјеонг, пренесуваат медиумите.
Надлежниот округ на Јужна Кореја објави дека војниците на островот Јеоенпјеонг ќе одговорат на истреланиот оган, а жителите се советувани да бидат внимателни кога се на улица, пренесува новинската агенција Јонхап.
Војската на Јужна Кореја ја повика Северна Кореја да ги запре воените активности кои ги зголемуваат тензиите во близина на границата и најави одговор на „провокациите“ на Пјонгјанг.
Северна Кореја и вчера истрела над 60 артилериски гранати во близина на спорната поморска граница на двете земји, а претходниот ден повеќе од 200 артилериски проектили, пренесоа светските агенции.
Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун пред неколку дена предупреди дека конфликтот на Корејскиот полуостров е се поблиску.
Тој посочи дека ситуацијата е на работ на вооружен конфликт и дека во секој момент може да дојде до судир, пренесуваат севернокорејските медиуми.
Ким ова го изјави на состанокот со командантите на севернокорејската армија во зградата на Централниот комитет на владејачката Работничка партија, пренесе севернокорејската новинска агенција „КЦНА“.
За време на состанокот, Ким детално го анализираше, како што рече, „критичното безбедносно опкружување на Корејскиот полуостров што доаѓа на работ на вооружен конфликт како што минува времето, како и природата на потезите на САД и другите непријателски сили“, пренесе „Јонхап“.