За само 10 години, новоименуваниот премиер на Франција, Габриел Атал, од почетник со работно искуство во министерството за здравство стигна на втората по важност позиција во земјата.
Атал е најмладиот премиер во модерната историја на Франција, со само 34 години. Тој е дури и помлад од социјалистот Лоран Фабиус, кој имал 37 години кога бил назначен од Франсоа Митеран во 1984 година. Тој е и првиот лидер на француската влада кој отворено се изјаснил дека е геј.
Како што наведува „Гардијан“, тоа е спектакуларна траекторија, дури и за некој со привилегирано потекло како Атал, за кого секое напредување во кариерата изгледало многу лесно.
Во раните години од претседателствувањето на Емануел Макрон, Атал беше еден од групата добро образовани млади луѓе од удобно потекло, избрани да го советуваат и поддржуваат подеднакво младиот француски лидер.
Атал се истакна по својата подготвеност јавно да зборува на која било тема и по талентот за интелигентни и духовити забелешки и одлични метафори.
Исклучителните комуникациски вештини и способноста за размислување и брзо одговарање на прашања во парламентот и јавноста му го донесоа прекарот „Снајперист“.
Атал е син на Иво Атал, адвокат и филмски продуцент со туниско-еврејско потекло, кој починал во 2015 година, и Мари де Курис, која потекнува од православно христијанско семејство од Одеса. Тој израснал во Париз со три помали сестри и го користи целосното име Габриел Атал де Курис.
Во 2019 година, Атал изјавил за Liberasion дека неговиот татко му рекол дека можеби е православен, но цел живот ќе се чувствува Евреин, најмногу затоа што ќе се соочи со антисемитизмот поради неговото име.
Се школувал во приватно училиште кое го посетувале деца на родители од висок профил по политика и уметност во Париз, каде англискиот јазик е задолжителен од основно ниво.
Подоцна раскажал како го малтретирале на училиште. По дипломирањето влегол во престижниот париски институт за политички науки, а магистрирал јавни прашања.
Според пријателите, неговата политичка амбиција блеснала кога учествувал во демонстрациите против Жан-Мари Ле Пен, кога десничарскиот лидер влезе во вториот круг од претседателските избори во 2002 година заедно со Жак Ширак. Тој се приклучил на Социјалистичката партија во 2006 година и го поддржа нејзиниот претседателски кандидат Сеголен Ројал на изборите во 2007 година.
Во 2012 година, кога стажираше во кабинетот на тогашната министерка за здравство, Марисол Турен, мајка на една негова школска другарка, на само 23 години се вработил трајно во тоа министерство.
Турен го опишала како „паметен човек, полн со разбирање“, предвидувајќи му „одлична кариера и светла иднина“.
Тој ја напуштил Социјалистичката партија во 2016 година за да се приклучи на новоформираната центристичка политичка партија на Макрон.
Оттогаш, неговиот подем во политиката е незапирлив и брз како оној на Макрон.
На 29-годишна возраст, тој беше назначен за државен секретар во министерството за образование, со што стана најмладиот член на владата под Петтата република, која стапила на сила во октомври 1958 година.
Тој извршувал неколку високи политички функции во партијата на Макрон, владин портпарол, министер за јавни финансии и министер за образование. Во јуни минатата година, тој влезе во Националниот парламент.
Атал е во граѓанско партнерство со Стефан Сежурн (38), член на Европскиот парламент и генерален секретар на владејачката партија, сега наречена Ренесанса, кој беше политички советник на Макрон до 2021 година.
Во последната деценија, политичката позиција на Атал се чини дека се променила од центристичка левица во центристичка десница. Во 2018 година, тој одговори на штрајковите на вработените во националната железничка компанија, велејќи дека Франција мора „да излезе од културата на штрајкови“ и студентите кои протестираат против промените во образовниот систем како „себични членови на буржоазијата“.
Макрон, некогаш познат како „златното момче“ на француската политика, поради својата младост, динамичност и амбиција, ќе се потпре на младиот, динамичен и амбициозен Атал за да ја зајакне владата ослабена од недостатокот на парламентарно мнозинство и да ги придобие членовите на помладата генерација разочарани гласачи за изборите за Европскиот парламент.
Според неодамнешното истражување на јавното мислење, се сугерира дека тој ќе биде популарен како премиер, со 36 отсто од оние кои мислат дека тој ќе биде добар премиер.