Дуда: Нема да се смирам се додека Камински и Васик повторно не бидат на слобода

од Radmila Tasevska
260 прегледи

Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека нема да мирува се додека уапсениот поранешен министер за внатрешни работи Мариуш Камински и неговиот заменик Мачеј Васик повторно не бидат ослободени.

Дуда нагласи дека останува на ставот дека ги помилувал Камински и Восик во 2015 година, согласно Уставот и дека помилувањето важи и денеска.

Полскиот претседател потсети и дека помилувањето е потврдено со пресуда на Окружниот суд, а потоа и со три пресуди на Уставниот суд, кој, како што наведе, ја признал неговата исправност.

-Министрите, денеска пратеници избрани на последните парламентарни избори, имаат свои мандати и сите обиди да им се одземат тие мандати се всушност незаконски. Јас застанав на оваа позиција и натаму стојам на неа, ништо не се менува, нагласи Дуда.

Тој кажа и дека е „длабоко шокиран“ од вчерашното приведување на Камински и Васик во претседателската палата, пренесува полската агенција ПАП.

-Министрите беа приведени и моментално се во притвор. Не сакам да навлегувам во детали како се случило тоа бидејќи ми е смешно кога слушам дека ова не е политичка работа, додаде Дуда.

Неколку недели откако партијата Право и Правда дојде на власт во 2015 година, Дуда го помилува Мариуш Камински, кој беше осуден за злоупотреба на политичко влијание и со тоа му овозможи да стане министер за внатрешни работи.

Во постапката пред Апелациониот суд беше одлучено случајот повторно да се отвори и во декември минатата година Камински и Васик беа осудени на две години затвор за злоупотреба на политичките овластувања.

Камински денеска почна штрајк со глад, откако вчера беше уапсен и пренесен во затвор, заедно со неговиот заменик Мациеј Васик.

Полскиот премиер Доналд Туск претходно го обвини претседателот Анджеј Дуда за попречување на правдата, откако Камински и неговиот заменик Мачеј Васик беа видени во претседателската палата.

Слични содржини