Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврдат, повикувајќи се на разузнавачки информации, дека двајцата новинари на „Ал Џезира“ кои беа цел на воздушен напад во неделата во Рафа, јужна Газа, биле членови на терористички организации во Појасот Газа.
Нападот бил извршен откако ИДФ соопштиле дека забележале терористички оперативец кој управувал со дрон, а потоа удрил во автомобилот во кој се наоѓале.
Хамза Ваел Дахдух, син на дописникот на „Ал Џезира“ од Газа, Ваел Дахдух, и Мустафа Турија, снимател на АФП, кој исто така работел за катарската телевизија, биле убиени во нападот, објави „Тајмс оф Израел“.
ИДФ тврди дека разузнавачките служби потврдуваат дека и двајцата се членови на терористички групи со седиште во Газа и дека биле „активно вклучени во нападите врз силите на ИДФ“.