Во последните неколку ноќи жителите на главниот град на Словенија можеа да видат необично силна светлина на небото над Љубљана. Портокалово-жолт сноп кој се простирал над населбата Стожице се издвојуваше и бил видлив од различни делови на градот. И додека на многумина им се чинеше дека нешто гори во далечината, се покажа дека изворот на светлина е сосема безопасен.
Иако светлината силно наликуваше на сјајот на оган во далечината и може да се помисли дека е пожар, причината за ноќното осветлување воопшто не е опасна. Невообичаената светлина се емитувала од рефлектори на фудбалскиот стадион Стожице.
Како што изјавија за N1 Словенија од Спортскиот институт од Љубљана, кој се грижи за главниот стадион во Љубљана, на теренот поставиле систем кој го забрзува растењето на тревата.
Според нив, системот се користи во зимски услови, кога нема многу природна светлина. Се вели дека е ефикасен и успешен начин за регенерирање на тревната површина по натпревар, тренинг или друг настан.
Системот за осветлување, кој се користи секоја зима од октомври, комбинира PAR-светлина, која е потребна за фотосинтеза, и инфрацрвено зрачење, кое придонесува за топлина.
Конструкцијата го осветлува зеленилото, а осветлувањето главно се одвива ноќе, велат од управата на стадионот Стожице.
Силната светлина на овие системи е особено видлива на небото за време на облачно или магливо време и може да биде многу вознемирувачко за луѓето и животните во непосредна близина на стадионот.
Така, во 2020 година, жителите на британскиот град Брајтон покренаа петиција со која ќе му се забрани на домашниот фудбалски клуб од Премиер лигата да ги вклучи светлата на нивниот стадион.
Фото: N1 Slovenija