Група европратеници денеска ги повикаа владите на земјите-членки на ЕУ да го казнат унгарскиот премиер Виктор Орбан за „нанесување штета на демократијата“, се вели во писмото потпишано од европратеници.
Отвореното писмо го потпишаа 120 од 705 пратеници на парламентот, откако Орбан ја блокираше ревизијата на буџетот на ЕУ во декември, што вклучуваше испраќање финансиска помош од 50 милијарди евра за Украина до 2027 година, пренесува Ројтерс.
„Писмото покажува јасна подготвеност во парламентот да го иницира членот 7.2 од Договорот за Европската унија“, изјави еден од авторите на писмото, финскиот пратеник Петри Сарвама.
Во членот 7.2 се вели дека „во случај на сериозно или постојано кршење на упатствата на Советот, Европската комисија или една третина од земјите, со поддршка од две третини од парламентот, уште еднаш ја повикуваат земјата да го исполни барањето на ЕС“.
Доколку тоа не се случи, Европскиот совет мора едногласно да одлучи дека прекршувањето продолжило, со што ќе се активира членот 7.3 кој вели дека „Советот, со квалификувано мнозинство гласови, ќе ги суспендира правата на обвинетата земја, вклучително и правото на глас во Советот, додека не се исполнат сите обврски“.
Европскиот парламент следната недела сака да усвои резолуција за Унгарија бидејќи главните политички партии се незадоволни од одлуката на Европската комисија од декември, со која се одмрзнаа милијарди евра финансиска поддршка од ЕУ за Будимпешта.
Помошта е суспендирана со години поради загриженоста дека Орбан ги поткопува демократските принципи во Унгарија, соопшти агенцијата.