Шолц предупредува на пораст на екстремизмот

од Vladimir Zorba
232 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска повика на смиреност и подготвеност за прифаќање компромиси во време кога земјата се соочува со протести на земјоделците револтирани од планот за намалување на субвенциите за гориво.

Земјоделците ги блокираа главните патишта и го запреа сообраќајот низ земјата со своите трактори како дел од еднонеделниот протест против планот за ставање крај на даночните олеснувања за дизелот што се користи во земјоделството, објави АП.

Тие продолжија да демонстрираат, иако владата го промени првичниот план, велејќи дека ќе се задржат даночните ослободувања за земјоделските возила и нема да се воведат намалувања на субвенциите за дизелот во следните три години.

Шолц во видео порака рече дека владата ги прифатила аргументите на земјоделците и инсистирала дека направила добар компромис, иако земјоделците се уште инсистираат на целосно укинување на кратењето на субвенциите.

Тој, исто така, рече дека официјалните лица ќе разговараат што друго може да се направи за да се осигура дека земјоделството има добра иднина.

Планот за ставање крај на даночните олеснувања произлезе од потребата да се пополни голема дупка во буџетот за 2024 година.

Протестите на фармерите доаѓаат во време на длабоко општо незадоволство од централно-левичарската влада на Шолц.

Шолц призна дека загриженоста оди подалеку од земјоделските субвенции, велејќи дека кризите, конфликтите и грижите за иднината ги вознемируваат луѓето.

– Аргументите и припаѓаат на демократијата, но знам и од лично искуство во последните месеци дека аргументите можат да ги исцрпат луѓето и да ја подгреат неизвесноста. Мораме да бидеме подобри оваа година – нагласи Шолц.

Тој додаде дека компромисите се исто така суштински дел од демократијата.

Но, сега, како што рече, гневот е намерно разгорен, екстремистите го осудуваат секој компромис на социјалните мрежи и ја трујат секоја демократска дебата.

– Ова е токсична смеса која мора да не загрижи, исто како што многу ме засега мене – рече тој.

Слични содржини